Со свеченост во Министерството за одбрана, во четвртокот во присуство на вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ беше извршено примопредавање на функцијата Министер за одбрана од досегашниот министер Зоран Јолевски, на министерката Радмила Шекеринска – Јанковска.
„Пред вас и пред македонската јавност како министерка за одбрана се обврзувам дека ќе се посветам на зајакнување на меѓународниот углед и позиција на нашата држава, на нејзината консензуално декларирана стратешка цел за членство во НАТО и неопходните реформи кои ќе ја зголемат нашата безбедност и кои ќе гарантираат професионална и ефикасна Армија”, истакна министерката Шекеринска – Јанковска пред присутните. Таа посочи дека иако иницијатор на Јадранската повелба, Македонија денес е единствената држава од таа група која сè уште не е членка на Алијансата.
Додаде дека реформските активности од голем број причини забавиле, дека Армијата повеќе години е со помали буџети и дека беа видливи различни притисоци во поглед на безбедноста, ризиците на модерниот свет, но и силни притисоци за партизација и намалена мотивација кај професионалците во секторот.
Министерката најави враќање на процесот на НАТО интеграциите во врвот на приоритетите на Министерството, како и поотворен и потранспарентен систем за менаџирање на персоналот со акцент на поголемата професионализација, департизација и движење низ кариера врз база на суштински, а не фиктивни стандарди.
„Чесните професионалци ги прават институциите силни и ефикасни. Чесни професионалци поставени на вистински места. Тоа ќе биде моја задача и обврска од првиот ден. Од првиот ден ќе се посветам и на подигнување на стандардот и на условите во кои што работат и функционираат сите припадници на Армијата и Министерството за одбрана”, рече министерката Шекеринска – Јанковска.
Пред присутните вработени во Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, министерката посочи дека ќе го вложи сето свое знаење и искуство, заедно со реформираните одбранбени структури, заедно со Армијата и вработените во Министерството, да ја гарантира унитарноста и безбедноста на државата, нејзината сигурна иднина, факт кој ќе биде потврден со исполнувањето на големата цел – Република Македонија, членка на НАТО-Алијансата.
Во своето обраќање, досегашниот министер Јолевски и го честиташе изборот на министерката Шекеринска – Јанковска и воедно се осврна на главните постигнувања во одбраната, како и предизвиците во натамошниот развој на одбранбениот систем на Република Македонија. Досегашниот министер говореше за стратегискиот контекст, со акцент на тероризмот, брановите на илегална миграција и хибридните закани, додека во однос на одбранбената политика укажа на клучните цели на Македонија како заштитата на суверенитетот, изградбата на силна и ефикасна армија и членството во НАТО и Европската унија.
„Сакам да се заблагодарам на моите досегашни соработници. Вие сте меѓу најдобрите и најспособните професионалци кои работат во институциите на Република Македонија. Заедно со вашата посветеност, вие сте клучен елемент за успех на секој министер”, заклучи досегашниот министер за одбрана Јолевски во своето обраќање.