Распродадено финалето Барселона – Волфсбург во женската Лига на шампиони

Фудбалерките на шпанска Барселона и германски Волфсбург ќе се борат на 3 јуни за трофејот во Лигата на шампиони пред максимален број гледачи (34.120) на трибините на стадионот „Филипс“ во Ајндховен, соопшти денеска Фудбалската федерација на Холандија (КНВБ).

За ниту едно од претходните финалиња во женската Лига на шампиони влезниците не беа распродадени, а просечната посетеност на натпреварот за титулата изнесуваше 18.900 гледачи, со исклучок на изданијата во 2020 и 2021 година, кои беа одиграни пред празни трибини поради пандемијата на коронавирусот, се наведува во соопштението на КНВБ.

Тренерот на Волфсбург, Томи Струт, коментирајќи ја информацијата за распродадените влезници, рече дека тоа го нагласува „големиот и брз напредок на женскиот фудбал“, и сугерираше во иднина финалните натпревари да се играат на стадиони со поголем капацитет.

На тоа укажуваат и посетите на годинешните полуфинални натпревари во женската Лига на шампиони, кога дуелот меѓу Барселона и Челзи на „Камп Ноу“ го следеа 72.262 гледачи, додека натпреварот меѓу Арсенал и Волфсбург на лондонскиот стадион „Емирејтс‘ го проследија 60.063 гледачи.

Вчерашното финале на англискиот ФА Куп во кое фудбалерките на Челзи со 1-0 го совладаа Манчестер јунајтед од трибините на стадионот „Вембли“ го следеа 77.390 луѓе.