На њујоршки Волстрит во четвртокот берзанските индекси пораснаа, првпат по тридневниот пад, благодарејќи на значителниот раст на цените во комуникацискиот сектор и уверувањето на американската централна банка Federal Reserve (Fed) дека економијата во САД ќе продолжи со силниот раст.
Инедексот Dow Jones зајакна за 0,21 отсто, на 26.439 поени, додека индексот S&P 500 порасна за 0,28 проценти, на 2.914 поени, додека Nasdaq индексот ја зголеми вредноста за 0,65 отсто, на 8.041 индексен поен.
Во осумте од единеаесетте најважни сектори на S&P 500 индексот, цените на акциите во четвртокот пораснаа, при што еден од најголемите добитници, со просечен раст од 0,8 отсто, беше телекомуникацискиот сектор, кој од понеделникот официјално се нарекува комуникациски. Овој сектор од почетокот на седмицата ги содржеше делниците на телеком компаниите, како што е на пример „AT&T“, но во реструктуирањето на S&P индексот во овој сектор се вброени и акциите на најголемите интернетски и медиумски компании, како што се „Facebook“, „Alphabet“, „Google“ итн. Така комуникацискиот сектор порасна од почетокот на семицата за 1,5 отсто, најмногу од сите сектори.
Со ваквите показатели, њујоршкиот пазар закрепна од падот во средата, кога инвеститорите ги вознемири американската централна банка, која по третпат годинава ги зголеми клучните каматни стапки за 0,25-процентни поени, во размерот од 2 до 2,25 отсто и сигнализираше дека има намера со заострување на монетарната политика.
Вложувачите се надеваа и дека Fed ќе сигнализира дека до крајот на гидината би можел уште еднаш да ги зголеми каматите, а потоа за извесен период да го заврши циклусот на заострената монетарна политика. Меѓутоа, централната банка на САД сигнализираше дека, освен во декември, каматите би можеле да бидат зголемени уште во три наврата во следната 2019 година, а потоа уште еднаш во 2020 година. Сепак, пазарот се примири бидејќи овие сигнали за натамошното зголемување на каматите покажуваат дека централната банка е убедена дека американската економија ќе продолжи силно да расте и во текот на следните години.
„Соопштението на Fed во основа претставува зелено светло за економијата. Тоа е потврда дека американската економија е најдобриот избор за глобалните инвеститори“, толкува во анкетата на Reuters Џефри Кравец, директор во компанијата „Private Clinet Reserve“.
Раст во четвртокот имаше и на цените на акциите на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,45 отсто, на 7.545 поени, додека франкфуртскиот индекс DAX порасна за 0,40 проценти, на 12.435 поени, а парискиот CAC иднекс скокна за 0,50 отсто, на 5.540 индексни поени.