Најмалку 32 луѓе загинале а повеќе од 250 се повредени во петокот во судирот на приврзаниците на индискиот гуру осуден за силување во градот Панкхула, што предизвика гнев кај повеќе од 100.000 негови следбеници објавија локалните медиуми повикувајќи се на најновите извештаи.
Педесетгодишниот гуру Гурмеет Рам Рахим Сингх, кој ја води сектата Дера Саша Суада, е прогласен за виновен за силување на две следбенички во 2002 година, а таа пресуда ги разгневи неговите следбеници, кои меѓу 100 и 200 илјади се собрале пред зградата на судот во градот Панкхуа со половина милион жители во областа Чандигар во сојузната индиска држава Харјана.
Претходните извештаи објавени според болничките податоци говореа за 14 загинати.
Властите распоредија стотици војници а да воведат ред меѓу гневните следбеници на гуруто. Полицијата во градот соопшти дека ситуацијата и натаму е напната, но дека властите полека воспоставуваат контрола врз улиците.
Гуруто Рам Рахим тврди дека има милиони следбеници ширум светот. Тој во моментов е во притвор, откако судот не подлегна на притисоците и очекува да му биде изречена висината на казната, што ќе се случи во понеделник 28-ми август.
Во 2002 година анонимен допис стасал до тогашниот премиер Атал Бихари Вајпајеи во кој една жена го обвини гуруто за силување и тврдела дека тоа го правел и врз други следбенички на сектата. На централното биро за истраги му беа потребни години за да ги пронајде другите жртви и дури во 2007 година две жени поднесоа тужба.
Гурмеет Рам Рахим Сингх не е првпат причина за полемики и контроверзии во индиското општество. Во 2015 година беше обвинет дека 400 свои следбеници поттикна на кастрација, за наводно да му се приближат на божеството. Против него беше воден и процес во врска со убиството на еден новинар во 2002 година.