Предрасудите кон муслиманите и дојденците (илегалците, мигрантите, странците) во Германија е во постојан пораст, објавува британскиот весник „Индипендент“, повикувајќи се на анкета спроведена од Центарот на Компетенции за Десничарски Екстремизам и демократски анализи (C-REX), пренесува НетПрес.
Резултатите покажале дека повеќе од 44 отсто Германци веруваат дека на муслиманите треба да им се забрани да се населуваат во нивната земја. Споредено со анкета од 2014 година, кога ова мислење го делеле 36,5 отсто од државјаните на Германија, предрасудите значително се зголемуваат, односно пораснале за 7,5 отсто за само четири години, открива последната студија на организацијата C-REX.
Интересно е дека исто толкав дел, односно 7,5 отсто од испитаниците, исто така се и антисемитисти. Еден од десет државјани на Германија изјавиле дека влијанието на Евреите сеуште преовладува и тие не се вклопуваат во нивното општество.
Според анкетата, Германците се изјасниле дека зголемувањето на бројот на етнички групи прави да се чувствуваат како странци во сопствената држава. Испитаницте сметаат дека Германија е загрозена, како и дека повеќето мигранти доаѓаат само за да ја експлоатираат благосостојбата во државата.
Истражувањето покажало дека овој тип на предрасуди речиси секогаш е повеќе застапен кај граѓаните во Источна отколку во Западна Германија. Околу 8 отсто испитаници кои живеат во источниот дел на земјата, рекле дека со оглед на околностите, диктаторството како форма на владеење би било подобро од моменталната демократија.