Иранскиот министер за информатички и комуникациски технологии, Мохамад Џавад Азари Џахроми изјави во неделата дека САД ја уништиле сопствената креација, ликвидираниот челник на терористичката организација Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, што е една од реакциите ширум светот по информацијата за ликвидацијата на џихадистичкиот водач во Сирија во операција на американските специјалци.
„Ништо посебно! Вие едноставно го убивте она што самите го создадовте“, коментира на Twitter Џахроми наобјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за уништување на челникот на Исламската држава.
Претходно во неделата Трамп, кој повеќепати во текот на својата кампања за претседателските избори во 2016 година ги обвинуваше својот демократскиот претходник Барак Обама и противкандидатката Хилари Клинтон како виновници, па дури и содавачи на Исламската држава, во понеделникот ја потврди веста за ликвидацијата на ал-Багдади.
Руското министерство за одбрана изрази сомневање во реалноста на американската операција за ликвидирање на Абу Бакр ал-Багдади, соопшти неговиот портпарол, генерал-мајорот Игор Конашенков.
„Министерството за одбрана не располага со релевантни информации за спроведената од американските војници во дел од зоната на деескалација во (сириската покраина) Идлиб кој е под контрола на Турција, операција за уште една ‘ликвидација’ на поранешниот водач на Исламската држава“, рече Конашенков.
Имено Русија во јуни 2017 година објави дека во воздушен напад врз поранешната сириска престолнина на „калифатот“ Рака „најверојатно“ го убила ал-Багдади.
Според Конашенков, последните денови немало никакви воздушни удари од страна на САД или коалиција во Идлиб. Покрај тоа, на Русија не ѝ познато никаво наводно содејство во прелетот на американската авијација во воздушниот простор на Сирија.
Американскиот претседател Доналд Трамп во обраќањето до нацијата рече дека информациите корисни за оваа операција ја обезбедиле Курдите, а дека Русија го отворила за хеликоптерите воздушниот простор кој го контролира, а покрај на Москва им се заблагодари и на Сирија, Турција и Ирак.
Руското министерство за одбрана, исто така, обрнува внимание на некои детали од операцијата за ликвидацијата на ал-Багдади.
„Зголемувањето на бројноста на директните учесници и земји, која наводно имале учество во оваа ‘операција’, секое со целосно контрадикторни поединости, ги поставува легитимните прашања и сомневања во нејзината реалност и уште повеќе во успехот“, рече Конашенков.
Од руското министерството за одбрана велат и дека САД мора да го докажат присуството на ал-Багдади на територија којашто ја контролира ривалската џихадистичка групација Џебхат ан-Нусра, сириското крило на меѓународната терористичка мрежа Ал Каеда, со која Исламската војска имаше повеќе судири во преземањето на делови од сириската територија. Конашенков потсети дека целата територија на Идлиб која не ја контролира сириската влада, е под контрола на Џебхат ан-Нусра.
„Групацијата секогаш бескомпромисно ја уништуваше Исламската држава и секој нејзин претставник на самото место, како главни конкуренти во борбата за превласт во Сирија“, рече Конашенков.
Додаде дека од моментот на последниот пораз на Исламската држава од страна на сириската владина армија со поддршка на руската авијација на почетокот од 2018 година „уште една смрт“ на ал-Багдади нема никакво оперативно значење за ситуацијата во Сирија или за активностите на преостанатите терористи во Идлиб.
Ликвидацијата на најбараниот терорист кусо ја коментираше и Кремљ, Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, посочи на коментарот на руското министерство за одбрана. „Министерството за одбрана кажа сѐ“, изјавил.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган реагираше меѓу првите и рече дека „Турција е горда што им помогнала на САД, сојузникот во НАТО, да го приведе озлогласениот терорист“. „ Денес се присетуваме на сите жртви на ал-Багдади, цивили и војници, наши херои, кои ги загубија животите бранејќи го светот од терористите на Исламската држава. Турција ќе продолжи тесно да соработува со САД и другите во борбата против тероризмот во сите негови форми. Време е без одлагање да ги здружиме силите и да ги поразиме сите терористички групи кои дејствуваат во регионот“, рече Ердоган.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му честиташе на Трамп на „импресивното постигнување кое доведе од загинување на водачот на Исламската држава“. „Тоа е одраз на нашата заедничка решителност, на САД и сите слободни земји, да се бориме против терористичките групи и терористичките држави. Ова е важен пресврт, но уште многу работа има пред нас“, рече Нетанјаху.
Британскиот премиер Борис Џонсион оцени дека смртта на ал-Багдади е „важен момент во борбата против теророт, но дека битката против злото на Даеш (арапскиот акроним за Исламската држава во Ирак и Шам/Левантот – з.р). не е готова“. „Ќе работиме со нашите партнери во коалициата за еднаш засекогаш да им ставиме крај на злосторничките и варварски пракси на Даеш“, истакна Џонсон.
Француската министерка за одбрана, Флоренс Парли, им честиташе на САД за спроведената операција, но и предупреди на тоа дека тоа не значи крај на терористичката група Исламска држава. „Багдади како терорист рано се пензионираше, но Исламската држава не. Ја продолжуваме борбата против Ислмската држава со нашите партнери и ќе се прилагодиме на новите регионални состојби“, напиша Парли на Twitter.
Сириските демократски сили (SDF), арапско-курдска коалиција чија основа ја сочинува курдската милиција, објави дека американската операција е успешно спроведена благодарејќи на нивните информации, и оти локацијата на ал-Багдади била точно утврдена. Висок функционер на SDF, Редур Џелил, рече дека ќе ги зајакнат разузнавачките напори и операции и ќе се концентрираат на „келиите на спијачите“. Исто така, ја обвини Турција дека поради нејзината офанзива во североисточна Сирија ловот на ал-Багдади морало да биде одложен за еден месец.