Речиси две милијарди луѓе во изолација, пандемијата забрзува

Со повеќе од 1,8 милијарди луѓе во изолација, повеќе од 16.500 починати по речиси три месеца од откривањето на новиот тип коронавирус и здравствени системи на неколку земји кои се пред крахирање, пандемијата од Covid-19 продолжува да забрзува и да сее паника низ планетата.

Пандемијата забрзува, но нејзиниот тек може да биде изменет, оцени Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во понеделникот, повикувајќи ги земјите „да тргнат во напад“, така што ќе ги тестираат сите случаи и во карантин ќе ги ставаат сите лица кои биле во близок контакт со нив.

 

Здравствата пред колапс

Во Европа на почетокот од седмицата беше надминат прагот од 10.000 починати, од кои најголемиот дел – над 6.000 во Италија, од вкупно 185.000 заразени на континентот. Но несомнено, овој податок за заразените е под вистинската бројка заболени.

По повеќенеделниот отпор, британскиот премиер Борис Џонсон во понеделникот вечерта конечно попушти и објави дека населението мора да остане во своите домови во следните три седмици.

Во Русија од почетокот на седмицава на сила стапи мерката за затворање на образовните институции. Московјаните постари од 65 години мора да останат во своите домови или да се повлечат на своите дачи (викендички) на село, ако ги имаат.

Здравствените системи, меѓу кои и оние во најразвиените држави како Италија, Шпанија и Франција, се на работ од крахирање.

Симболична е фоторгафијата на ваквата состојба од лизгалиштето во Мадрид кое е претворено во мртовечница. Властите беа принудени на овој чекор за да добијат простор за чување на телата во црниот ден со речиси 500 починати за 24 часа. Втората најпогодена земја Шпанија има вкупно 2.182 починати и повеќе од 33.000 заразени.

Европската унија донесе одлука без преседан: го суспендираше Пактот за стабилност и раст, што значи дека ги олабави строгите прописи за буџетската дисциплини. Истовремено со тоа ги избегна и новите тензии при носењето на долгорочниот буџет на ЕУ, особено по кусокот создаден со излегувањето на Обединетото Кралство.

Дури и Германија, којашто секогаш беше на браникот на буџетското штедење, одлучи да ги стави вон сила уставните ограничувања за јавниот долг, за да инјектира соттици милијарди евра потребни да се одржи стопанството „над водата“. Со тоа владата смета на рецесија „од најмалку 5 отсто“ за 2020 година.

 

Трамп порача дека САД наскоро повторно ќе ги отворат деловните пазари

САД „многу брзо“ повторно ќе ги отворат своите деловни пазари, порача претседателот Доналд Трамп ноќта кон вторникот.

„Америка набрзо повторно ќе биде отворена за работење. Многу брзо. Многу порано од три или четири месеци, како што сугерираа некои. Многу порано. Не можеме да дозволиме лекот да биде поразорен од проблемот“, изјави Трамп на брифингот во Белата куќа.

Откако со седмици се обидуваше да ја минимизира здравствената закана, за да се претстави потоа како претседател кој обединува нарекувајќи се „претседател во воено време“, Трамп продолжува да испраќа двосмислени пораки за мерките на ограничување кои би требало да го спречат ширењето на Covid-19 во САД. Така и последната изјава за отворање на пазарите треба да се гледа како порака која треба да го острани песимизмот надвоен над американската и светската економија, коментира агенцијата AFP.

И покрај фактот дека од американската централна бнака (Federal reserve – Fed) во понеделникот најавија голема помош за компаниите, светските пазари останаа непроменети: индексот Dow Jones падна во понеделникот на најниското ниво од ноември 2016 година, а паднаа и главните европски берзи. Но во вторникот утрото берзата во Хонгконг забележа раст од над 3 отсто, а цената на нафтата, исто така, порасна при отворањето на пазарите во Азија.

Властите на Њујорк, градот во кој е сместена најголемата светска берза Волстрит, симболот на американскиот пазар на пари, ги повикаа сите жители да останат во своите домови откако градот стана жариште на епидемијата во САД со 12.000 зарзени, што е речиси триетина од сите случаи во земјата.

 

Африка започна со рестриктивните мерки

Неколку држави во Африка од понеделникот започнаа со спроведувањето мерки на изолација, како што е Јужноафриканската Република, којашто е најпогодената земја од коронавирусот на континентот. Тамошните власти дури ја распоредија и војската на улиците на главниот град Јоханесбург.

Вонредна состојба и полициски час се воведени во Сенегал и во Брегот на слоновата коска. Делумни мерки за изолација се воведени во Алжир, главниот град на истоимената држава, и во областа Блиде, која е најтешко погодена. Мерки за изолација се приогласени и во Лубумбаши, главниот град на ДР Конго, како и во двата најголеми града на Мадагаскар, Антенанарива и Тоамасина. Сите жители на Абуџа и Лагос мора да останат во своите домови, порачаа властите на Нигерија во пораката до главниот односно најнаселениот град во земјата.

Таквите мерки се многу сложени во Африка и малку се почитуваат, бидејќи најголемиот дел од населението на континентот мора да оди да работи за да преживее. Луѓето во Африка знаат дека коронавирусот може да ги убие, но доколку останат дома и две седмици не работат, велат дека исто така ќе умрат, бидејќи и немаат никакви заштеди со кои на одреден период би ги прехранувале своите семејства.

 

Кина стравува од нов бран

Во вторникот во Кина има 78 нови случаи на зараза од коронавирусот и главно станува збор за увезени случаи од стрнаство, па тамошните здравствени власти стравуваат од нов бран на заразата.

Здравствената комисија на централната покраина Хубеи во вторникот најави укинување на сите ограничувања за патувањеа во и од покраината, од среда, со исклучок на администртивниот центар Вухан, кој беше извор на пандемијата. На жителите на Вухан, каде што кон крајот на декември 2019 година беше првпат откриен новиот сој коронавирус, им е дозволено да се вратат на работа, а по два месеца во сообраќајот се пуштаат и средствата за јавен транспорт.