На петте државни универзитети има 24 952 слободни места за матурантите кои планираат да се запишат на факултет. Бројот на слободни места за упис во академската 2015/2016 година е утврден со одлука на Влада, а се темели на резултатите од деталната анализа на потребите на пазарот на труд во земјава, дефицитарните занимања кои се актуелни или ќе бидат барани во иднина.
На универзитетот „Св. Кирил и Методиј” има 10 669 слободни места, најмногу места се предвидени на факултетите за техничко- технолошки науки и на општествени и хуманистички науки . Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски” ќе може да прими 3803 матуранти, најмногу слободни места има на Факултетот за информатички и комуникациски технологии . Универзитетот Гоце Делчев пак, на 13-те факултети и три академии ќе може да прими 5390 кандидати во трите квоти. На Државниот универзитет во Тетово има 4650 слободни места, во Охрид на универзитетот за информатички науки и технологии Св. Апостол Павле предвидени се 440.
Критериуми за упис како и претходните години остануваат исти, кандидатите можат да освојат најмногу 100 поени и тоа 60 од општиот успех по сите предмети и 40 проценти од успехот постигнат на државната матура.
Уписните рокови зависат од самите универзитети, на скопскиот први уписен рок е на 13-ти и 14-ти август, додека на штипскиот почнува на 12-ти август а трае до 14-ти.