Последнава седмица се регистрирани 134 нови случаи на заболени од мали сипаници и бројката и натаму расте, со што продолжува трендот на регистрирање голем број заболени од морбили и веќе неколку седмици последователено бројот на новозаболените е повисок од 100 пациенти.
Од новозаболените 48 пациенти се регистрирани во Скопје, а преостанатите 86 се од десет други градови со што вкупниот број на зафатени градови изнесува 22, велат од Институтот за јавно здравје.
Најголем број регистрирани се возрасни лица над 30 годишна возраст. Здравствените власти велат дека не се очекува брзо намалување на бројот на заболени, ниту, пак, сузбивање на епидемијата.
Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина изнесува околу 25 илјади деца, дополнително се вакцинирани вкупно 1.780 лица, од нив повеќе од 65 отсто се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта.
Едно лице од заболените е во тешка здравствена состојба. Пациентката во четврокот била хоспитализирана на Клиниката за инфективни болестиво Скопје. Од таму велат дека на одделите во потешка состојба се уште три деца и двајца возрасни.
На клиниката се лекуваат 36 заболени од морбили, од кои 23 возрасни и 13 деца. На Клиниката за детски болести во моментов се лекуваат шест деца болни од мали сипаници, но тие не се во тешка здравствена состојба.