Вработените во Царинската управа реагираат на Листата за приоритетна вакцинација и бараат информација врз основа на кои критериуми Царината ги изработува листите за вакцинирање на вработените.
Царинските службеници велат дека оваа листа се нашле само вработените на граничните премини, но не и шефовите на смена. Не е предвидено вакцинирање ниту на вработените во мобилната царина и во царинската администрација иако за вакцинација се пријавени околу 800 царински службеници.
-Досега, во Царината се вакцинирани околу 300 вработени, што создава огромен револт кај вработените. Според Националната техничка група за имунизација против Ковид-19, вработените во Царината се дел од критичната државна инфраструктура, но нејасно е врз основа на кои критериуми е составувана листата за вакцинирање кога во неа ги нема припадниците на мобилната царина и царинската администрација, велат вработени во Царината за „Република“.
Царинските службеници повикуваат Царинската управа и Министерството за здравство да не си поигруваат со нив, со нивното и здравјето на нивните семејства.
-Реагирано е во Царинската управа и бевме препратени во Министерството за здравство. Наводно МЗ вршело селекција од испратените списоци. Од Здравство пак велат дека постапуваат по списоците испратени од Царината. Институциите си ја префрлаат топката, но цариниците се оние кои се исложени на голем ризик од зараза, затоа што се во постојан близок контакт со многу луѓе, вели нашиот извор.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека списоците ги добиваат од институциите. Тој замоли за трпение, зашто како што рече прво се вакцинираат најизложените групи, па оние кои не се во голем ризк затоа што во моментов има толку вакцини.
-Колку вакцини имаме во моментов, толку ќе се вакцинираат. Молам за трпение. Списоците ги земавме од институциите, рече Филипче одговарајќи на реакцијата на судската администрација, која е во слична положба.