Поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, ја прифатил понудата да биде министер за локална самоуправа во владата на премиерот Димитар Ковачевски. Лично Пенов за „360 степени“ потврди дека по консултациите во изминатите денови решил да ѝ се врати активно на политиката и да го води ресорот што ѝ припаѓа на неговата матична Либерално-демократска партија (ЛДП).
Ако Пенов и официјално биде предложен за министер и Собранието го потврди неговиот избор, тој ќе го наследи се уште актуелниот лидер на ЛДП, Горан Милевски, кој даде оставка.
До крајот на неделата, како што претходно изјави потпретседателката на партијата, Моника Зајкова, се очекува да заседаваат партиските органи за и официјално да биде доставен предлог за министер до владините партнери.
Премиерот Ковачевски денеска рече дека се чека официјална номинација од ЛДП.
„Министерството за локална самоуправа, во распределбата на ресорите и одговорностите, е во одговорност на Либерално-демократската партија и штом ЛДП ќе предложи личност што ќе го замени постојниот министер кој поднесе оставка, тогаш тоа ќе биде доставено до парламентот“, изјави денеска Ковачевски.
Актуелниот министер Милевски оставката ја достави пред една недела, а во изјава за медиумите рече дека повлекувањето е од лични причини.
Меѓутоа, освен од министерската, сè погласни се шпекулациите дека до крајот на годината тој ќе замине и од лидерската позиција во ЛДП, за каде што како најсериозен кандидат за нов претседател се споменува актуелната потпретседателка Моника Зајкова, која е една од двајцата пратеници што ги има партијата.
Доаѓањето на Пенов на министерската функција ќе биде негово враќање на политичката сцена по повеќе од 10 години. Тој е роден на 28 септември 1957 година во Велес, а првата висока функција што ја извршуваше беше градоначалник на Скопје. На функцијата тој се задржа во два мандата (1996-2000 и 2000-2004), а потоа беше и пратеник, исто така во два мандата. Од партиски функции, пак, беше секретар на Демократската партија до нејзиното спојување со Либералната партија во 1997 г., а потоа беше и потпретседател и претседател на Либерално-демократската партија во периодот од 1999 до 2007 година.