РК Вардар продолжува со традицијата ангажирање шпански стручњаци

Старо-новиот европски ракометен шампион РК Вардар во следните две години од  клупата ќе ги води 46-годишниот Шпанец Давид Хосе Писонеро кој со клубот се договори за соработка.

Писонеро доаѓа од Валјадолид, Шпанија каде беше тренер последниве две сезони. Претходно дванаесет години бил играч, од што девет сезони како дел од Валјадолид, Кантабрија и Адемар Леон.

Како тренер почнал во Валјадолид и му бил и тренер на Фернандо Хернандез. Во помладите категории бил првак на Шпанија со кадети и младинци. Бил и со репрезентацијата на Шпанија како дел од младинскиот тим на СП 1993 година во Египет.

Како играч двапати го освои Купот Асобал со Кантабрија и Валјадолис, и неколкупати бил вице-првак во неколку натпреварувања, вклучувајќи го Купот на ЕХФ и Купот на градовите, и тоа двапати со Валјадолид. Со Сантандер го освои клупскиот светски куп во 1997 година.

Од активно играње се откажа во мај 2003 година на 30-годишна возраст поради повреда

„Верувам дека клубот бараше некои карактеристики за наследник на Парондо во кои и јас се гледам себе си, и стил на игра што јас го негувам. Јас сакам да работам секојдневно и да размислувам така, и не гледам далеку пред себе. Горд сум што ќе бидам тренер на Вардар и што ќе бидам дел од Лигата на шампионите, изјави Давид Хосе Писонеро за клубскиот портал

По освојувањето на втората европска титула Вардар во новата сезона влегува како еден од малкуте тимови што успеале во 10-те години од организирањето на Ф4 турнирите во три години двапати да биде првак.

„Клубот останува на својата заложба да продолжи по патот што донесе успех, а тоа е да имаме тренер кој знае како да ги склопи сите коцки и од расположливите играчи да извлече максимум. Со Писонеро веруваме дека ќе продолжиме успешно да чекориме по зацртаниот пат. Вардар секогаш бил тим што се борел за виоск пласман без разлика на натпреварувањето. Така ќе биде и во иднина. Во новата сезона имаме убави предизвици пред нас, а ние правиме се да бидеме целосно подготвени за она што не очекува, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Овој 46-годишен шпански стратег ќе дојде на клупата на Вардар по Роберто Парондо Гарсија и Раул Гонзалез тренери кои ги однесоа „црвено-црните“ до врвот на Лигата на шампионите. Писонеро и Гонзалез ги поврзува и играчката кариера, во тимот на Ваљадолид каде биле одличен тандем, а соработката меѓу пикерот и централниот бек му донела многу важни титули на шпанскиот тим. Писонеро беше предводник на клупата на Ваљадолид изминативе 18 месеци