Центарот на Јута Џез, Руди Гобер, првиот кошаркар во американската НБА лига кој беше позитивен на коронавирусот Covid-19, и поради кој натпреварувањето во најсилната кошаркарска лига на планетата е прекинато на најмалку 30 дена, одлучи да донира половина милион американски долари за вработените во салите во кои играат Јута Џез и Оклахома Сити Тандерс, како и за погодените од пандемијата во сојузната држава Јута, во Оклахома Сити и во неговата родна Франција, објави неговиот клуб на официјалната интернет страница.
„Знам дека многу луѓе се погодени. Оваа донација е мал придонес, со кој ја покажувам својата благодарност и поддршка на сите кои се погодени, а тоа се само првите од многуте чекори кои ќе се обидам да ги сторам за да направам позитивна разлика и истовремено да продолжам да учам за Covid-19 и да ги подучувам другите“, изјавува 27-годишниот Гобер во официјалното соопштение на Јута Џез.
Според наведеното во соопштението, Гобер 200.000 американски долари ќе донира за вработените во „Вивинт Смарт Хоум Арена“, во Солт Лејк Сити, кои немаат приходи поради одложувањето на НБА натпреварите и другите настани кои требаше да се одржат во салата. По 100.000 долари ќе бидат донирани на семејствата кои се погодени со пандемијата од Covid-19 во сојузната држава Јута и во градот Оклахома Сити, додека 100.000 евра ќе бидат проследени до фондови во Франција.
Уште во понеделникот Гобер ја исмеваше опасноста од ширењето на коронавирусот допирајќи ги сите микрофони и уреди кои се наоѓаа пред него во текот на прес-конференцијата, а откако беше утврдено дека францускиот центар е позитивен на коронавирусот, неговите соиграчи открија дека уште неколку дена претходно почнал да се шегува во соблекувалната на Џез на сличен начин. Кога во четвртокот Донован Мичел стана вториот позитивен кошаркар на Јута Џез, Гобер преку Instagram објави извинување за своето однесување.
Донацијата на Гобер не е првата меѓу НБА играчите. Крилниот центар на Кливленд Кавалирс, Кевин Лав првиот објави дека донира 100.000 долари за вработените во салата во којашто неговиот тим ги игра домашните натпревариј, додека првиот избор на минатогодишниот драфт Зион Вилјамнсон вети дека ќе ги исплати платите на вработените во салата во која играат неговите Њу Орлеанс Пеликанс.