Русија ги покани Македонија и Албанија во Евроазиската унија

Постојаниот претставник на Русија во Европска унија, Владимир Чижов, им упати покана на Македонија и на Албанија да ѝ се придружат на Евроазиска економска унија (ЕЕУ) за време на Евроазискиот економски форум во Верона.

Двете држави побрзо ќе наидат на разбирање во ЕЕУ отколку во ЕУ, смета рускиот дипломат.

„Сигурен сум дека овие земји, кои се кандидатки за членство во ЕУ и неодамна беа ставени ‘под мраз’ од Брисел, би можеле да најдат повеќе разбирање во Евроазиска економска унија“, изјави Чижов.

Руската покана за балканските земји да ѝ се приклучат на ЕЕУ доаѓа десет дена по ветото од францускиот претседател Емануел Макрон за старт на преговори на ЕУ со Македонија и со Албанија.

ЕЕУ е формирана во 2015 година и во неа членуваат Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан. Во 2018 година Иран склучи договор за слободна трговија со ЕЕУ, каков што на 26 октомври потпиша и Србија.