Русија и Украина денеска ќе потпишат договор за отворање на пристаништата на Црно Море, најави Ердоган

Денеска Русија и Украина ќе потпишат договор за повторно отворање на украинските пристаништа на Црното Море, за извоз на жито, најави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Киев и Москва не ја потврдија најавата на Анкара, но украинскиот претседател Володимир Зеленски навести дека пристаништето наскоро би можело да биде деблокирано.

Блокадата на пристаништето, која настана поради рускиот напад на Украина, се одрази на послабата понуда на светските пазари и доведе до зголемување на цената на житото.

Обединетите нации објавија дека генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш ќе отпатува во Турција, пренесува Ројтерс.

Москва ја отфрли одговорноста за предизвикување на кризата со храна, објаснувајќи дека тоа е резултат на одлуката на Украина да постави мини во пристаништата на Црното Море и западните санкции, кои го намалија извозот на храна и ѓубрива од Русија.