Русија и Западот разменија затвореници во Турција, меѓу кои и новинарот Гершкович

Дваесет ишест лица од седум различни земји, вклучувајќи ги САД и Русија, беа разменети во четвртокот како дел од големата размена на затвореници во Турција, вклучувајќи го и новинарот на The Waal Street Journal, Еван Гершкович, соопшти кабинетот на турскиот претседател. Канцеларијата соопшти дека пристигнале 26 лица од затворите во САД, Русија, Германија, Полска, Словенија, Норвешка и Белорусија.

„Најголемата операција за размена во последниве години во која беа вклучени 26 затвореници кои се држат во затвори во седум различни земји (САД, Германија, Полска, Словенија, Норвешка, Русија и Белорусија) се одржа со посредство на турската национална разузнавачка управа во Анкара во четвртокот“, се вели во соопштението.

Меѓу нив се Гершкович и американскиот маринец Пол Вилан, кои се приведени во Русија. Руското ФСБ на 30-ти март 2023 година извести дека е уапсен 31-годишниот Гершкович во градот Екатеринбург, во подножјето на Урал, во обид да дојде до документи за воено-индустрискиот комплекс класифицирани како строга државна тајна. На 19-ти јули, Гершкович беше осуден по обвинението за шпионажа, што тој го негира и доби 16 години затвор.

Десет затвореници, од кои двајца малолетници, се префрлени во Русија, 13 во Германија и тројца во САД.

Турската разузнавачка заедница објави голема размена на затвореници што ја координира. Од една страна се Русија и Белорусија, а од друга се западните земји предводени од САД и Германија.

Москва сигнализираше дека сака да се врати Вадим Красиков,  руски државјанин осуден кој подолго живеел во Германија за наводно убиство на поранешен чеченски милитантен командант во берлински парк во 2021 година. Красиков и неговата одбрана целосно ги отфрлија обвинувањата за убиството.

Во средата, на денот кога се појавија првите информации за договорената размена на осуденици, словенечкиот суд итно осуди двајца Руси за шпионажа и употреба на лажни идентитети и најави дека ќе бидат депортирани, објави новинската агенција STA, а словенечката државна телевизија објави дека ова е дел од пошироката размена.

Веб-страницата за следење летови Flightradar24 претходно во четвртокот прикажа дека специјален руски владин авион користен во претходната размена на затвореници во која учествуваа САД и Русија, полетал од Москва до руската ексклава Калининград, која граничи со Литванија и Полска, пред да се врати во главниот град на Русија. Первиј Отдел, здружение специјализирано за одбрана на луѓе во случаи на предавство и шпионажа во Русија, инаку финансирано од западни извори, соопшти дека летот може да значи дека се случила размена на затвореници на полската граница. Агенцијата Reuters пишува дека не можела да го потврди ова.

Пол Вилан, поранешен американски маринец, и Владимир Кара-Мурза, руско-британски дисидент, двајцата затворени во Русија, ненадејно исчезнаа, изјавија нивните адвокати ден претходно, откако најмалку седум руски дисиденти последните денови неочекувано биле наводно преместени од нивните затвори.

Во четвртокот руските медиуми објавија непотврдени извештаи дека уште еден дисидент, опозицискиот активист Вадим Останин, бил префрлен од сибирски затвор во Москва. Рускиот онлајн рускиот медиум Агенство објави дека најмалку шест специјални руски владини авиони летаат кон и од регионите во кои се наоѓаат затворите на дисидентите во последните денови.

Во меѓувреме, адвокатот на Александар Виник, Русин притворен во САД, одбил да потврди каде се наоѓа неговиот клиент „додека не се заврши размената“ за државната новинска агенција РИА во средата. Но, РИА го цитира адвокатот Аркадиј Бук, кој вели дека адвокатите кои ги застапувале луѓето затворени во Русија му кажале дека се „на пат“ кон непознати локации.

РИА, исто така, објави дека четворица Руси затворени во Соединетите држави исчезнале од базата на податоци на затвореници што ја одржува Федералното биро за затвори на САД. Се наведува дека станува збор за Виник, Максим Марченко, Вадим Коношченок и Владислав Кљушин.

Соединетите држави, исто така, држат уште најмалку двајца руски државјани, Владимир Дунаев и Роман Селезњов, осудени за сериозни сајбер-злосторства, кои исто така може да се вмешани.

Кремљ одби да каже дали е планирана размена, како и руската амбасада во Вашингтон, а немаше коментар од западните земји. Ваквите размени обично се обвиткани во тајност додека не се случат.

Меѓу дисидентите во Русија, чии поддржувачи велат дека им било кажано дека биле преместени ненадејно последните денови, се опозицискиот политичар Илја Јашин, активистот за човекови права Олег Орлов и Данило Кринари, кој беше осуден за дослух со странски влади. Меѓу другите кои ненадејно исчезнале во затворскиот систем се германско-рускиот државјанин Кевин Лик, осуден за предавство, опозициските активисти Лилија Чанишева и Ксенија Фадејева и антивоениот активист уметник Саша Скочиленко.

Иван Павлов, истакнат руски адвокат за човекови права кој сега живее во Прага и го основаше „Первиј Отдел„, рече дека исчезнувањето на толку многу луѓе со слични профили сугерира дека властите ги собираат, веројатно во Москва, за размена. Рече и дека претседателот Владимир Путин ќе мора да ги помилува пред размената, што е неопходна формалност. Медиумската куќа „Important Stories” го сврти вниманието на наводниот факт, дека според владината веб-страница Путин на 30-ти јули наводно потпишал низа тајни декрети, за кои пораталот тврди дека би можеле да бидат помилување на затвореници.

Во декември 2022 година, Русија ја замени кошаркарката Бритни Гринер, осудена на девет години за непријавено поседување и носење масло од канабис во багажот шри пристигнувањето во Москва, за трговецот со оружје Виктор Бут, кој отслужуваше 25-годишна затворска казна во САД уапсен во Азија под обвинение за продажба на оружје на групи кои се на американската црна листа.

Најголемата размена на затвореници од Студената војна се случи во 2010 година, во која учествуваа вкупно 14 лица. На Запад, владите и активистите ги гледаат неистомислениците како неправедно затворени политички затвореници. Сите тие, од различни причини, беа етикетирани од Москва како опасни екстремисти.