Русија извршила „превентивен“ напад врз украинските сили во Запорожје

Руската војска изведе превентивни напади врз позициите на украинските сили во Запорошкиот регион, кои се подготвуваат да го преземат најголемиот град во јужниот украински регион Херсон, од кој се повлекуваат руските сили, соопштија сепаратистичките проруски власти.

„Во моментов нашата армија започнува да изведува превентивни напади кои ги разбиваат непријателските сили, ги уништуваат и не им дозволуваат да се концентрираат за напад“, изјавил за агенцијата РИА Владимир Рогов, челник на проруското движење во Запорожје.

Според Рогов, руската војска ги нападнала украинските позиции во неколку села и најблиските предградија на градот Запорожје.

„Главните удари се задаваат врз складиштата со муниција, оружје и врз непријателските позиции. Беше дејствувано и на десниот (западниот) брег на Дњепар за потиснување на огнените позиции во Никопол и Марганец, од каде што постојано се изведуваат напади врз нуклеарната централа Запорожје, градот Енергодар и неговите предградија“, додал Рогов.

Истовремено репортерот на РИА кој ги следи активностите на руските единици во близина на Херсон јави дека руската противвоздушна одбрана одбила обид на украинските сили да ги нападнат руските единици кои се прегрупираат кон левиот (источниот) брег на Дњепар.

Како што јавил новинарот, украинскиот напад изведен со беспилотни летала и проектили, меѓу кои и со високопрецизните американски системи HIMARS, имал цел да ги оштетат Антовскиот мост, главен премин преку Дњепар во регионот кој во повеќемесечните украински ракетирања е делумно оштетен, како и помошните понтонски мостови. Додава дека по целата рута на повлекувањето на единиците, новинарската екипа не забележала ниедно уништено возило на руските сили.

Откако во мај властите во Киев објавија противофанзива во Запорошкиот регион со цел да го пресечат стратешкиот коридор меѓу црноморскиот полуостров Крим и териториите на југоистокот на Украина кои ги контролираат проруските сепаратисти и руските единици, во областа се регистрираат жестоки артилериски борби но со мали придвижувања на единиците на теренот. Од крајот на октомври, руската војска бележи групирање на украинските сили и проценува дека главни цели на нивната офанзива ќе бидат Енергодар, Бердјанск и нуклеарната централа Запорожје која е под руска контрола уште од првите денови на руската инвазија кон крајот на февруари.

Претходно седмицава командантот на Здружената група на руските сили кои дејствуваат во Украина, генералот Сергеј Суворикон објави дека е донесена одлука руските сили да се повлечат на источниот брег на Дњепар со цел да се спречи непотребно губење на животите на војниците и цивилите и напуштање на Херсон, најголемиот град во Запорошкиот регион кој исто така беше освоен во февруари без речиси никаков отпор.

Генералот Суворикин ваквата маневра ја објасни со упорното гранатирање од страна на украинските сили на големата акумулација Каховка, чијашто брана минатата седмица беше погодена и малку оштетена, а чие уривање може да доведе до големо поплавување на областа и големи жртви. Покрај тоа, руските сили во Херсон се соочени со логистички тешкотии, поради речиси деноноќните гранатирања на транспортните коридори преку Дњепар.

Исто така, Суровикин истакна дека повеќе од 115.000 цивили се евакуирани од регионот. Додаде дека во борбите од август до септември украинските сили во регионот загубиле повеќе од 9.500 војници и ранети, додека загубите на руските трупи биле за „седум до осум пати помали“.