Истражителите на руската Сојузна безбедносна служба (ФСБ) и официјално подигнаа обвинение за шпионажа против Еван Гершкович, дописник на американскиот весник The Wall Street Journal, кој ги негирал обвинувањата тврдејќи дека во Русија работел само како новинар, пренесуваат во петокот руските новински агенции.
Руското ФСБ на 30-ти март извести дека е уапсен 31-годишниот Гершкович во градот Екатеринбург, во подножјето на Урал, во обид да дојде до документи за воено-индустрискиот комплекс класифицирани како строга државна тајна. Поради тоа му се заканува 20-годишна затворска казна.
„Истрагата на ФСБ поднесе обвинение против Гершкович за шпионажа во интерес на неговата земја. Тој категорично ги отфрли сите обвинувања и изјави дека се занимавал со новинарски работи во Русија“, го цитира агенцијата ТАСС својот неименуван соговорник кој одбил да даде дополнителни поединости, бидејќи случајот имајќи го предвид карактерот на активностите е означен како „строго доверлив“.
Гершкович е првиот американски новинар притворен во Русија под обвинувања за шпионажа уште од крајот на идеолошката блоковска Студена војна. Неговиот весник The Wall Street Journal негираше дека тој се занимавал со шпионажа и побара веднаш да биде ослободен.
Кремљ објави дека Гершкович се занимавал со шпионажа под маската на новинарство. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров им порача на САД дека Гершкович бил уапсен на дело додека се обидувал да дознае некои тајни податоци.
САД побараа од Русија, официјално преку дипломатски канали, Гершкович да биде пуштен на слобода и ги оценија обвинувањата за шпионажа како „смешни“. Негово ослободување побара и американскиот претседател Џо Бајден, а рускиот челник Владимир Путин засега не го коментираше случајот.
Гершкович, според официјалната биографија, е роден во семејство на советски емигранти, а растел во американската сојузна држава Њу Џерси. Во Москва се доселил во 2017 година за да работи за странски финансираниот медиуми Moscow Times, а потоа работел и за француската новинска агенција AFP.
По почнувањето на руската „специјална воена операција“ во Украина, на крајот од февруари 2022 година, Гершкович бил во Лондон и требало да се врати во Русија за да се придружи на дописништвото на The Wall Street Journal. Било решено да живее во Лондон и често да патува во Русија како новинар акредитиран при министерството за надворешни работи.
Но, како што истакна портпаролката Марија Захарова, Гершкович не се придржувал до процедурата и не известил за своето патување во Екатеринбург, откако се појавија информации дека наводно за патувањето го известил министерството за надворешни работи, откако му било наводно одобрено за одбрана.