Руските власти ја обвинија Би-Би-Си дека ги шири идеите на џихадистичката организација „Исламска држава”, како и дека програмата на сервисот е под постојан надзор поради отворената истрага. Овие обвинувања беа упатени во контекст на поледните тензии меѓу Москва и Лондон, пренесе Франс прес.
Откривме содржини кои ги шират идеолошките позиции на терористичка организација на сајтот на руски јазик на Би-Би-Си, соопшти руското регулаторно тело – Роскомнадзор. Оттаму прецизираат дека станува збор за „цитати” на лидерот на Исламската држава Абу Бакр ал Багдади.
Во тек се експертизи за да се провери дали објавената содржина е во согласност со руските правилници против екстремизмот, дополнува регулаторно тело.
Инаку во Русија е забрането споменувањето на Исламска држава и медиумите треба забраната секогаш да ја нагласуваат кога зборуваат за оваа група.
На крајот на декември, рускиот медиумски регулатор најави започнување на проверки на активностите на Би-Би-Си во Русија. Мерката беше одговор на обвинувањата на британскиот регулаторен орган дека руската телевизија на англиски јазик РТ ги прекршила правилата за непристрасност.