Руски полицајци притворени за лажирање докази против новинар

Петмина поранешни руски полицајци се приведени на сослушување поврзано со лажирање обвиненија против истражувачкиот новинар Иван Голунов, соопштија во средата владини функционери.

Сите петмина полицајци, чии имиња се објавени и покрај спротивните извештаи на западните медиуми, се поранешни припадница на одделот за борба против трговијата со наркотици при министерството за внатрешни работи на главниот град Москва, се наведува во соопштението на портпаролката на Истражниот комитет, Светлана Петренко.

„Сите тие се приведени, се водат истражни дејствија, а во најскоро време истрагата ќе подигне обвинение против нив. Според сознанијата на истрагата, во јуни 2019 година полициските службеници со цел незаконски прогон на Голунов подметнале наркотици во неговиот ранец, како и во неговиот дом. Така тие ги фалсификувале резултатите од оперативните истражни активности“, додала Петренко.

Од Истражниот комитет, исто така, истакнуваат дека наркотиците кои поранешните полицајци му ги подметнале на Голунов, претходно илегално ги купиле, ги чувале и превезувале.

Новинарот Голунов, кој пишуваше истражувачки стории за московските градски власти, беше приведен минатиот 6-ти јуни во Москва, кога полицијата на руската престолнина соопшти дека кај него е пронајден наркотикот синтентички стимуланс мефедрон. Самиот новинар изјави дека забранетите супстанции му биле подметнати додека бил апсен.

Подоцна кривичниот прогон на Голунов беше сопрен „поради недокажана“ инволвираност во кривично дело. А министерот за внатрешните работи Владимир Колоколцев во специјална изјава за овој случај истакна дека неколку офицери на министерството се разрешени од позициите. До неодамна случајот се водеше во врска со „непознати лица“, а имињата на осомничените не беа споменувани.

По јавниот протест во врска со случајот на Голунов, кога петанесетина дена по неговото апсење беа приведени 400 лица, рускиот претседател Владимир Путин отпушти двајца високи полициски функционери, шефот на московскиот оддел за наркотиции и шефот на оперативниот оддел за Западна Москва, од кој се и сега притворените полициски службеници.