Рускиот апелационен суд ја потврди пресудата за екстремизам на Навални

Рускиот апелационен суд ја потврди пресудата за екстремизам на опозицискиот лидер Алексеј Навални, отфрлајќи ги аргументите на одбраната кои се жалат на казната. Тоа значи дека Навални ќе биде испратен во затворска колонија со уште потешки услови, пренесоа светските агенции.

-Судот ја разгледа жалбата на одбраната на Алексеј Навални и Даниел Холодни и одлучи да ја остави првостепената одлука непроменета, се вели во одлуката на судот, цитирана од руските медиуми. Времето што Навални веќе го помина во притвор ќе се брои како еден ден за еден ден.

Расправата на жалбата се одржа зад затворени врати поради писмото испратено до судот од Министерството за внатрешни работи во кое се вели дека приврзаниците на Навални ќе направат провокации за време на судската седница. На новинарите им беше дозволено само за објавување на одлуката. Навални на судската седница учествуваше преку видео врска од казнената колонија.

По одлуката на апелациониот суд, казната на Навални стапи на сила. Тоа значи дека тој наскоро ќе биде префрлен во колонија со посебен режим согласно одлуката на судот. Засега е во колонија со строг режим во село Мелехово, Владимирско.

Во август оваа година, Московскиот градски суд го прогласи опозицискиот лидер за виновен за финансирање екстремизам, создавање екстремистичка заедница и повикување на екстремизам преку Интернет.

Имајќи ги предвид досегашните пресуди и со делумен збир на казните, осуден е на 19 години затвор во колонија со посебен режим. Тој, исто така, беше казнет со 500 илјади рубли и забрана за користење на Интернет 10 години по неговото ослободување.

Второобвинетиот во случајот, поранешниот технички директор на каналот на Јутјуб на Навални, Даниел Холодни, беше прогласен за виновен за финансирање екстремистичка активност користејќи ја својата службена положба и учество во екстремистичка заедница. Тој е осуден на 8 години затвор.