Преговарачите на САД и на радикалното исламистичко движење Талибан разработиле проект за договор за повлекување на американските трупи од Авганистан и борба против тероризмот, објави на Twitter во вторникот специјалниот американски претставник за Авганистан, Задмај Калилзад.
„Штотуку заврши маратонската рунда од преговорите со (претставниците на движењето) Талибан во Доха. Условите за мир се подобрија. Јасно е дека сите страни сакаат да стават крај на војната. И покрај скоковите нанапред и враќањата наназад, ја држевме ситуацијата под контрола и преземавме вистински чекори“, напиша американскиот дипломат.
„Мирот (во Авганистан) бара договор за четири прашања: антитерористички гаранции (од страна на талибаните), повлекување на војските (на САД и нивните сојузници), меѓуавганистански дијалог и сеопфатен прекин на огнот. На јануарските преговори постигнавме принципиелен договор за овие четири елементи. Сега се согласивме за нацрт-договор за првите две“, истакнува Калилзад.
Според него, „кога конечно ќе биде завршено разраборувањето на планот за дијаграмот за повлекувањето (на војските), како и ефективните мерки во борбата против тероризмот, талибаните и другите Авганистанци, вклучително и владата, ќе ги започнат меѓуавганистанските преговори за политичко решение и сеопфатен прекин на огнот“.
„Мојот следен чекор се (меѓуреосрските) дискусии во Вашингтон и консултациите со другите партнери. Повторно ќе се сретнеме (со талибаните), но нема да има никаков конечен договор сѐ додека не биде постигнат договор по сите прашања“, заклучува Калилзад
Воената интевренција во Авганистан трае повеќе од 17 години, од декември 2001 година. Во текот на кулмунацијата на кампањата, бројот на војниците на западната коалиција предводена од САД надмина 150.000 луѓе. Главнината од борбените сили на САД и НАТО беа повлечени од Авганистан во 2014 година, по што мисијата ја сочинуваат инструктори, воени советници и сили за обезбедување и поддршка од околу 14.000 луѓе.
Во текот на изминатите четири години талибанските сили значително ја проширија областа под нивна контрола, која сега опфаќа околу 60 отсто од територијата на Авганистан. Додека САД и другите странски сили долго време останаа на тоа дека мировниот процес треба исклучиво да го водат Авганистанците, талибаните претходно во февруари повторија дека се против директните преговори со претседателот на администрацијата Ашраф Гани во Кабул, којашто ја сметаат за нелегална влада.