Американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (CDC) соопшти дека ги следи извештаите за алергиските реакции на вакцината против коронавирусот и оти издал препораки како да постапуваат лица кои имаат историја на алергии.
Лицето коешто имало сериозна реакција на вакцината против Covid-19 не би требало да ја прими втората доза, соопштија од CDC, дефинирајќи дека е сериозно доколку на таквиот пациент му е потребен лекот „епинефрин“ или болничко лекување.
Луѓето коишто имале тешки алергиски реакции на која и да е од состојките на вакцината против Covid-19, би требало да ја избегнуваат формулацијата на вакцината којашто ја содржи оваа состојка, наведуваат во CDC.
Тоа значи дека пред вакцинирањето треба да се прегледаат составите на двете вакцини коишто во моментов се одобрени за употреба во САД, на „Pfizer/BioNTech“ и на „Moderna“.
Поединците коишто имаат историја на тешки алергиски реакции на вакцини би требало да консултираат лекари за вакцинирањето против Covid-19. Од CDC сооппштија дека и натаму може да се вакцинираат луѓе со сериозни алергии на храна, на домашни миленици, латекс, како и луѓе кои имаат алергии на лекови кои се земаат орално или оние коишто имаат семејна историја на сериозни алергиски реакции.
Американсата Агенција за храна и лекови (FDA) истражува во моментов пет случаи на алергиски реакции кои се случиле откако луѓе оваа седмица ја примиле вакцината на американската фармацевтска компанија „Pfizer“ и на германската биотехнолошка компанија „BioNTech“ во САД.
Во петокот FDA предупреди дека вакцината на американската компанија „Moderna“, којашто доби итна авторизација за употреба, не би требало да им се дава на поединци кои имаат историја на сериозни алергиски реакции на која и да е од состојките во препаратот.
Британскиот здраваствен регулатор соопшти дека секој со историја на анафилаксија, или со сериозна алергиска реакција на лекови и на храна, не би требало да ја прими вакцината на „Pfizer/BioNTech“.
Американските здравствени власти соопштија дека повеќе од 272.000 луѓе се вакцинирани со вакцината на „Pfizer/BioNTech“, како и дека до петокот вечерта се пријавени шест случаи на силни алергиски реакции, вклучително и кај лица со историја на реакција на вакцина.
Според нивните зборови сите случаи на алергиска реакција се појавиле во препорачаното време за опсервација и итно се третирани.
Помалку сериозни пропратни ефекти се ретки. Меѓу првите 215.000 луѓе кои се вакцинирани во САД, помалку од 1,5 отсто имале проблеми поради кои им била потреба медицинска нега или не биле способни да ги извршуваат секојдневните активности.
Многу вакцини може да предизвикаат привремени нелагодности, како што се болка во раката, или симптоми слични на грип. Вакцините против Covid-19 имаат тенденција да предизвикаат повеќе такви симптоми отколку вакцината против грип, а некои болници одолговлекуваат со вакцинирањето на вработените за да ги избегнат проблемите со недостаток на персонал, пренесуваат американските медиуми.