
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја укина финансиската помош за земјите од Централна Америка кои се обвинети дека не преземаат ништо да го спречат движењето и влезот на илегалните имигранти во САД, објави во саботата Стејт департментот.
„На барање на државниот секретар Мајк Помпео ја спроведуваме одлуката на претседателот и ги запираме програмите за помош за Северниот триаголник за буџетските години 2017 и 2018-та“, соопштија од американската администрација. Фискаланата 2018 година заврши минатата есен и Стејт департментот не прецизираше колку неискористени средства и кредити се опфатени со оваа мерка.
Таканаречениот Северен триаголник го сочинуваат Салвадор, Гватемала и Хондурас, трите земји од кои десетици илјади имигранти кои бегаат од сиромаштијата и насилството последните години се обидуваат да дојдат до САД.
Претседателот Трамп во четвртокот го осуди недејствувањето на владите на овие земји против имигрантските „карвани“. „Хондурас, Гватемала и Славадор со години ги земаа нашите пари и ништо не преземаа“, напиша на Twitter.
Последните две години САД доделиле 1,3 милијарди долари на Централна Америка за помош во развојот, повеќето за споменатите земји. Во декември Вашингтон и Мексико се обврзаа на заедничко вложување во Северниот триаголник и мексиканскиот југ за да го намалат приливот на имигрантите.