Ерменија и Азербејџан повторно се обврзале дека од понеделник ќе го почитуваат „хуманитарноро примирје“ во судирот во Нагорно Карабах, објавија во заедничката изјава со САД по преговорите во Вашингтон.
Заменикот американски државен секретар, Стивен Биеган, се сретнал во саботата со министрите за надворешни работи на двете земји, прецизира американската дипломатија во соопштението од неделата ноќта.
Во петокот американскиот државен секретар Мајк Помпео ги прими своите колеги, од Азербејџан, Џехун Бајрамов, и од Ерменија, Зохраб Мнатсаканјан, но како и при претходните разговори во Москва, се одржаа одделни средби.
Во судирите кои започнаа на 27-ми септември, како што минатата седмица изјави рускиот претседател Владимир Путин, чијашто земја оддржува блиски односи и со двете завојувани поранешни советски републики, загинале околу пет илјади луѓе, меѓу кои и многу цивили.
„Хуманитарното примирје ќе стапи на сила во 9 часот по локално време на 26-ти октомври“, се наведува во заедничката изјава што ја објави американскиот Стејт департмент.
Двата прекина на огнот кои беа договорени претходно со посредство на Русија, на 10-ти и на 18-ти октомври пропаднаа речиси истиот ден кога требаше да стапат на сила, намалувајќи ги можностите за прекин на судирите.
Светските сили сакаат да спречат повторување на тотална војна меѓу Ерменија и Азербејџан на јужен Кавказ каде минуваат стратешки нафтоводи и гасоводи, која би ја вовлекла Турција којашто според ерменските и западните челници покрај политичкото отворено поддржување на Баку и воено е вмешана во конфликтот. Од друга страна, пак, е Русија, којашто има одбранбен договор со Ерменија.
Најмалку 30.000 луѓе загинаа во војната за Нагорно Карабах од 1992 до 1994 година, која заврши со вмешувањето на ткн Минска група на ОБСЕ, којашто ја сочинуваат САД, Русија и Франција, Но сега во неа место бара и Турција критикувајќи дека, овој формат не успеал да доведе до конечно решение на проблемот.
Станува збор за најлошите судири во регионот откако силите на Азербејџан и силите на етничките Ерменци завојуваа во 1988 година поради областа Нагорно Карабах, која во времето на Советскиот сојуз административно е просоединета на Азербејџан, но пред распадот на СССР тамошното доминантно ерменско население прогласи независност која не е меѓународно признаена до денеска. Ерменците оваа енклава ја сметаат за своја историска татковина, а Азерите за незаконско окупирано подрачје кое мора да го вратат под своја контрола.