САД официјално го известиле генералниот секретар на Обединетите нации дека се повлекуваат од членството на Светската здравствена организација (СЗО – WHO)
Сенаторот Боб Мендез, демократ од Комисијата за надворешни работи при Сенатот, изјави претходно дека администрацијата на републиканскиот претседател Доналд Трамп го известила Конгресот за повлекувањето од СЗО.
Трамп уште од април најави дека ќе го прекине американското финансирање на СЗО во износ од околу 450 долари годишно и повлекување на САД од членството, обвинивајќи ја за пропусти во менаџирањето со пандемијата на коронавирусот и дека постапувала како „марионета“ на Кина каде што избувна пандемијата, која во организацијата уплаќа 40 милиони долари.
Најавата на Трамп дека САД ќе го прекине финансирањето на СЗО предизвика загриженост во светот. Првиот европски дипломат, Жозеп Борел, кон средината април ја осуди одлуката на американскиот претседател.
„Длабоко сум разжалостен од одлуката на САД да го прекине финансирањето на СЗО. Нема причина што може да го оправда овој потег во момент кога нивните напори се неопходни повеќе од кога било порано за да помогнат во надминувањето на пандемијата на коронавирусот. Само преку обединување на силите можеме да ја надминеме оваа криза, што не познава граници“, напиша Борел.