Американската полиција објави дека верува оти експлозиите на трите пакети бомби во градот Остин може да бидат расистички мотивирани злосторства, при што две лица загинаа и неколку се ранети во последните десет дена во главниот град на сојузната американска држава Тексас.
Првиот пакет-бомба во понеделникот утрото убил еден 17-годишник и ранил една жена на иста адреса на којашто живеат и Афроамериканци, наведе полицијата. Вториот пакет-бомба експлодирал малку подоцна кога една 75-годишна Хиспаноамериканка го подигнала од прагот пред својот стан. Таа е тешко ранета и животно загрозена, изјави на прес-конференција шефот на полицијата на Остин. Претходно оставен пакет-бомба, на 2-ри март на влезот во друга куќа во Остин, каде што, исто така, живеат Афроамериканци, убила еден 39-годишник, наведе полицијата.
„Трагите коишто ги најдовме на местото на најновата експлозија, како и трагите по првите две експлозии упатуваат на тоа дека станува збор за поврзани случаи“, изјави шефот на остинската полиција Брајан Менлеј.
Преицзираше дека станува збор за многу силни експлозивни направи и ги повика жителите на овој претежно студентски град да бидат крајно внимателни, но да не ѝ се препуштат на паниката. Ги предупреди граѓаните да не допираат пакети, доколку наидат на нив. Претходно во понеделникот, пред третата експлозија, Менлеј изјави дека во врска со првите два пакета-бомби се сомнева дека станува збор за расистички напади.