САД порачаа дека има уште „нерешени прашања“ во нуклеарниот договор со Иран

САД го отфрлија обвинувањата од Иран дека намерно одолговлекуваат со преговорите за заживување на договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година, но порачаа дека сѐ уште има „нерешени прашања“.

„Нѐ охрабрува фактот дека Иран, се чини, се откажал од некои свои неприфатливи барања, како што е бришењето на Гардата на исламската револуција од листата терористички организации… Поблиску сме до договор отколку пред две седмици. Но има уште прашања кои мораме да ги решиме“, изјави на брифинг портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.

Не прецизирал за кои прашања станува збор.

Меѓутоа, малку е веројатен впечатокот на Прајс дека Техеран се откажал од својот главен услов Иранската револуционерна гарда, елитните единици на иранската војска, да биде отстранета од списокот терористички организации, што претпоставува дека е подвргната на строги меѓународни санкции.

И покрај интензивните консултации, САД сѐ уште официјално не одговариле на „завршниот текст“ кој им ги претставил високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борељ, за разлика од Иран.

На 26-ти јули шефот на европската дипломатија и координатор за иранската нуклеарна програма изнесе компромисен предлог и ги повика сите страни кои учествуваат во преговорите да го прифатат за да се спречи „опасната криза“.

Индиректните разговори продолжија на 4-ти август во австриската престолнина Виена, во обидот да се спаси договорот меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Кина, Русија, Велика Британија, Франција како и ЕУ, а од кој Вашингтон еднострано се повлече во 2018 година сакајќи негово проширување и на иранската ракетна програма и го врати децениските санкции.

„Идејата дека на кој и да е начин одолговлекуваме со преговорите едноставни не е точна“, истакна Прајс, додавајќи дека САД и натаму ги „проучуваат“ иранските одговори и дека Вашингтон ќе одговори штом ја „заврши таа анализа и консултации“.

„Доколку добиевме јасен одговор од Иран, не сум сигурен дека би имале вакво колебање како сега“, рече портпаролот на американската дипломатија.