Американската армија потврди во четвртокот дека Иран го соборил нејзиното беспилотно летало за надзор, но тврди дека тоа се случило додека летало во меѓународниот воздушен простор над Ормускиот теснец, околу 34 километри од најблиската локација на иранскиот брег, но Техеран го обвини Вашингтон дека тоа е лага и најави тужба пред Обединетите нации.
Американското беспилотно летало било на голема надморска височина во меѓународниот воздушен простор над Ормускиот теснец, околу 34 километри од најблиската точка на иранскиот брег, изјави во Пентагон за новинарите, генерал-полковникот Џозеф Гуастела, командант на американската воена авијација на Блискиот исток.
„Овој опасен и ескалациски напад е неодговорно и се случи во блиина на утврдените воздушни коридори мешу Дубаи, Обединетите Арапски Емирати и Мускат во Оман, и можеше да загрози невини цивили. Ниту во еден момент од мисијата дроното не го нарушил иранскиот воздушен простор“ и леталото паднало во меѓународни води, тврди Гуастела, пренесува Reuters. Агенцијата истакнува дека новинарите немале право да поставуваат прашања.
Веднаш потоа иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф го обвини Вашингтон дека лаже за тоа каде се наоѓал соборениот дрон, и тврди дека САД всушност навлегле на иранска територија.
„САД спроведуваат економски тероризам против Иран, изведуваа тајни операции против нас и сега навлегоа на наша територија. Ќе ја презентираме оваа нова агресија во ОН и ќе докажеме дека САД лажеле за меѓународните води. Не сакаме војна, но ревносно ќе ги браниме нашето небо, копно и водите“, предупреди Зариф на Twitter, пренесе германската новинска агенција DPA.