Самитот на ЕУ за излез од кризата заврши без договор, нов самит во јули

Лидерите на ЕУ не успеаја да постигнат договор за седумгодишниот буџет и новиот план за економско заздравување за излез од кризата, нов самит ќе се одржи идниот месец, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Иако не се очекуваше конечен компромис денеска, лидерите го завршија овој нов виртуелен самит со сѐ уште длабоки разлики околу начинот да се надмине економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот.

Четирите „скромни“ држави, како што се нарекуваат сами, Холандија, Финска, Шведска и Данска и натаму се во клинч со јужните земји, кои се и најпогодени од кризата, како здравствената така и економската.

Премиерот на Холандија, Марк Руте, попладнево изјави дека „не е страшно“ ако не се постигне договор ниту на следниот лидерски состанок, кон средината на јули, и дека е можно да нема воопшто договор до крајот на летото. Преговарачка тактика, или преголеми разлики, останува да се види.

Другите лидери на крајот на состанокот предупредија дека решение мора да се најде итно за да се спаси „кредибилитетот на Унијата“.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој претседава со лидерските средби, најави дека идниот самит ќе биде физички состанок, и дека допрва сега сите страни влегуваат во фаза на преговори. Мишел најави дека ќе поднесе конкретен компромисен предлог пред јулскиот самит, имајќи ги предвид разликите и ставовите на 27-те земји, слушнати денеска.

Конкретно, ЕУ членките треба да се договорат околу предложениот план за рестартирање на економиите, инструмент кој изнесува 750 милијарди евра. Овој фонд се предлага да биде надополнување на редовниот повеќегодишен буџет за периодот 2021-2027, за кој исто така сѐ уште нема компромис.

Прашањето околу кое треба да се најде согласност за модалитетите на финансирање на овој фонд, кој би претставувал прво „заедничко задолжување“ на сите земји членки, нешто што е неприфатливо за Скандинавците и Холандија. Од овие 750 милијарди, петстотини би се редистрибуирале во рамките на буџетот на ЕУ како субвенции, а останатите 250 милијарди во облик на заеми, предлага Европската Комисија, инспирирана од француско-германската иницијатива.