Нухиу: Ќе бидат санкционирани сите нарушувања на јавниот ред и мир

135
нухиу

Министерството за внатрешни работи денеска ги осуди инцидентите што се случија синоќа по протестите во Скопје и најави дека ќе ги употреби сите капацитети за целосно да ги расчисти и санкционира одговорните за нив.

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу на денешната прес-конференција потенцираше дека ќе бидат санкционирани сите обиди за нарушување на јавниот ред и мир. Апелираше до сите граѓани на РМ да се воздржат од секаков вид насилство и нарушување на правниот поредок и уставните вредности.

Граѓаните имаат право да протестираат на еден демократски начин, да се собираат на јавни места и да ги изразат своите ставови, но Законот за јавен ред и мир мора да се почитува. Би сакал да упатам апел до граѓаните сите свои ставови и мислења да ги изразат без нарушување на правните суштински вредности, рече Нухиу.

На прес-конференцијата во МВР беше информирано за три инциденти што се случиле синоќа во коишто беа нападнати новинар и камерман на интернет порталот „А1 он“ и се случиле две тепачки во близина на Народната банка и кај „Веро Џамбо“.

Помошникот министер за односи со јавност Јордан Ламаноски информираше дека се извршени три кривични дела „насилство“ и дека биле повредени пет лица. Во врска со првиот случај повикани на информативен разговор се 12 лица, а според сознанијата на МВР извршители на нападот на новинарот и на камерманот биле две лица. Полицијата ги презема сите мерки за пронаоѓање на напаѓачите. Исто така се преземаат мерки и за пронаоѓање на напаѓачите и извршителите на кривичните дела „насилство“ во врска со другите два случаи во кои има повредени се инволвирани и малолетни лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.