Поништувањето на одлуките за референдуми кои ги донесоа општините, а се однесуваа на планот кој го има подготвено Социјалдемократскиот сојуз за населување на мигранти во Македонија, е еквивалент на тоталитарен режим. Со таквата одлука владата предводена од Заев, кој ветуваше живот за сите, го погази основното човеково право, правото на глас, вели Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа кажа дека денеска слободно можеме да кажеме дека Македонија е заробена држава. Надополни дека слободно можеме да кажеме дека во Македонија е воспоставен режим кој на најбрутален начин се справува со своите политички опоненти.
-Оваа власт која ја нема довербата од граѓаните реши на граѓаните да им го одземе и она што нив им остана. Реши да им ги одземе работните места и привилегии кои ги уживаат како граѓани на оваа држава. Политиката која ја води Заев околу прашањето за мигрантите, не само што е опасна, не само што е нелогична и штетна, веќе стана и бизарна, изјави Колариќ.
Колариќ прикажа компарација со првата економска сила во светот, Соединетите Американски Држави и нивната политика кон мигрантите. Таа кажа САД, земја со површина од 10 милиони квадратни километри, со невработеност од само 4.3%, со стабилен раст на бруто домашен производ од скоро 3% и со 320 милиони жители, на своја територија ќе дозволи да се населат само 50.000 мигранти. Претседателот Доналд Трамп изјави дека трошокот на згрижување на само еден мигрант во Америка е еднаков на трошокот на згрижување на десет бездомници.
-Тоа е вистинска грижа за сопствените граѓани. САД, кои во моментот нудат над шест милиони слободни работни места за своите жители, со што дополнително ќе ја намалат стапката на невработеност, сметаат дека примањето на повеќе од 50 илјади мигранти ќе ја погоди економијата на државата и ќе го намали буџетот предвиден за жителите и домаќинствата кои што живеат од социјална парична помош, што во моментов изнесува околу 700 долари. Истовремено, Заев ветил дека во Македонија ќе се населат 150 илјади мигранти во моменти кога минималната плата изнесува 200 евра, стапката на невработеност е 22.9% и со дефицит од 4.20% во владиниот буџет. Социјалдемократскиот сојуз се нафаќа Македонија да прими 3 пати повеќе мигранти од првата светска сила, САД, изјави Колариќ.
Таа потенцираше дека веќе е очигледно дека интересите на граѓаните за СДС не се приоритет, веќе е очигледно дека Заев води политика со која враќа свои лични долгови. Колариќ порача дека не смееме да дозволиме еден човек да креира политичка кариера на грбот на сите граѓани во Република Македонија.