![1[29643]](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/06/129643.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение на прес-конференцијата на вицепремиерот Кочо Анѓушев во врска со прес-конференцијата на која што најави две нови странски инвестиции и даде осврт за објавените податоци од НБРМ за 235 милиони евра на странски директни инвестиции во првиот квартал од 2018 година.
Заев, Анѓушев и нивната „ќе“ влада и прават ненадоместливи штети на македонската економија. Додека целиот регион и цела Европа бележат раст на економиите, следејќи го глобалниот тренд, расипничкиот картел на власт ја уназадува државата и ги осиромашува граѓаните. Владата на Заев не знае како да се справи со предизвиците и проблемите во економијата. Зоран Заев и Кочо Анѓушев немаат проблем само со лажењето, туку и со видот. Тие се единствените двајца што виделе инвестиции во земјава. Никој друг не ги видел ни Гугл, ни Фејсбук, ни која било светска компанија да дојде и да инвестира во Македонија, иако Заев лажеше дека само што не почнале со работа. Впрочем, една фабрика да отвореа ќе ги преплавеа медиумите и социјалните мрежи со чочеци, како што го прославија отворањето на тунелот изграден во време на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ единствено може да се пофали во првиот квартал на 2018 година со 300 милиони евра нови задолжувања кои паѓаат директно на грбот на граѓаните и во иднина ќе ги враќаат граѓаните.
Психолошката граница од 5 милијарди евра јавен долг веќе одамна ја поминаа уште во првата година од владеењето, а проекти нема. Нема капитални инвестиции, нема покачување и раст на економските параметри, нема повисоки плати и пензии, нема задоволни стопанственици. Вчера граѓаните му порачаа на Анѓушев дека избори се неопходни за стабилизирање на економијата, бидејќи очигледно е дека картелот на власт не знае да ја води државата. Граѓаните вчера покажаа колку се незадоволни од актуелната ситуација во државата. Време е картелот на власт да падне, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Анѓушев претходно ја информираше јавноста дека двете нови странски инвестиции се на „Zenith international“ од Обединети Арапски Емирати којашто ќе биде во износ од 3 милиони евра и ќе произведува греачи за болјери, а другата е „Balkanlar plastic“ од Турција, во вредност од 8 милиони евра којашто ќе произведува амбалажа од пластика. Во првата е планирано вработување на 60- 80, а во втората 80 лица.