СДСМ и ДУИ во клинч, Законот за јазици ја заостри комуникацијата на коалициските партнери

Очигледно само Венецијанската комисија ја знае вистината дали Законот за јазиците, кој стапи на сила без потпис од претседателот, е испратен на разгледување во целост или пак само деловите кои се однесуваат на банкнотите и амблемите на војската и полицијата.

Конфузни и дијаметрално спротивни ставови во јавноста искажуваат функционерите на СДСМ и ДУИ, а на повидок нема најава дали оваа „блиц-криг“ во владината коалиција ќе прерасне во сериозен конфликт меѓу Заев и Ахмети или во меѓувреме ќе се испеглаат разликите.

Острите тонови на релација Бихаќка-Мала Речица, започнаа откако вицепремиерот Бујар Османи истакна дека Законот за јазиците нема потреба да се испрати на оценка до Венецијанската комисија сѐ додека претставник на Македонија во Комисијата е професорката Тања Каракамишева, за која вели дека би влијаела врз членовите, па оттаму одлуката не би била објективна. Вицепремиерот додаде дека ќе се разговара со коалициските партнери дали воопшто Законот ќе биде испратен на оценка до комисијата.

Тврдењата на вицепремиерот Османи експресно паднаа во вода, бидејќи уште наредниот ден премиерот Зоран Заев потврди дека Законот за јазици е испратен на разгледување, и тоа во целост.

Како и што пред повеќе од една година, кога почна дебатата за законот за јазиците, ги прифативме сугестиите за да ги отстраниме резервите на кој било граѓанин, така и сега велиме дека по изгласувањето, објавувањето и испраќањето на законот и по укажувањето на Венецијанската комисија, секое укажување ќе биде вградено, изјави Заев.

Преку писмото проследено до претседателот на Комисијата, Џани Букичио, од Владата истакнаа дека очекуваат мислење за Законот од аспект на нeговата усогласеност со европските стандарди и најавија дека укажувањата ќе бидат имплементирани.

Во меѓувреме вицепремиерот Османи го свика првиот состанок на координативното тело за спроведување на законот, на кој поканил само функционери од ДУИ и експерти Албанци, а ги изостави коалициските партнери од СДСМ, што беше протолкувано како одговор на ставовите на Заев.

Сепак, иако се очекуваше дека ќе се спушти топката, премиерот тргна во контраудар, кога во вчерашното интервју за ТВ „Алсат“ потенцираше дека вицепремиерот Османи го заборавил заклучокот од владината седница, на која било потврдено дека Законот во целост ќе се испрати на разгледување. Заев дури го нарече и „шверцерски“ предлогот на главниот политички преговарач на Македонија за членство во ЕУ и вицепремиер Османи.

Мојот пријател и потпретседател на Владата заборавил на заклучокот од Влада, зошто немаме предрасуди, ништо не треба да правиме шверцерски. Јас како прв претставник на Владата мислам дека законот е уставен. Уставот го дефинира албанскиот јазик како втор официјален јазик, за меѓународна употреба само македонскиот јазик, прв е македонскиот, употребата е јасно разграничена. Овој закон не е на ДУИ, овој закон е и на СДСМ, на Зоран Заев, на Беса, на сите што сме внатре, турска, пензионерска партија….Сите го поддржавме, сите го гласавме и мора да биде во духот на Едно општество за сите. Не ми требаат мене национализми од ниедна страна, заклучи премиерот.

Но, ДУИ не остана покусо. Лидерот на партијата, Али Ахмети го демантира премиерот Заев и практично даде ветер во грб на вицепремиерот Османи. Според Ахмети, до Венецијанската комисија за проверка се испратени само делови од Законот за јазици за кои се договориле со коалициониот партнер.

Испратен е само делот за кој се договоривме. Тоа се две прашања за кои се договоривме, банкнотите и хартиите од вредност, и амблемите на војската и полицијата. Јас не знам зошто сето ова се политизира и станува медиумска тема кога е познато дека законот е договорен со коалиционите партнери и е усвоен со потребното мнозинство. Треба да се знае дека за поништување или укинување на еден закон потребно е бадинтерово мнозинство, рече Ахмети.

Во целата збрка се вклучи и владиниот портпарол Миле Бошњаковски, кој денеска мораше да објаснува дека различните изјави на премиерот и вицепремиерот не довеле до криза во Владата.

Во основа не постојат некои конфликти или судири како што пишуваат медиумите. Вчера имавме владина седница на која работите функционираат редовно и тековно. Како некој толкува одредени изјави, тоа сепак е во рамки на слободата на израз. Во секој случај, работата на Владата како институција е тековно и немаме никакви проблеми, истакна Бошњаковски на редовната прес-конференција во Владата.

Законот за јазици започна да биде јаболко на раздорот во коалицијата уште на самиот ден од неговото донесување и објавување во Службен весник без потпис од претседателот на државата. Челниците на ДУИ веднаш на социјалните мрежи прославија, објавувајќи фотографии „летајќи орел“, додавајќи дека партијата успеала да го исполни ветувањето дадено пред своите гласачи.

Од друга страна, потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири порача ДУИ да не се кити со туѓи перја, бидејќи за Законот со кој се официјализира албанскиот јазик, заслужно е СДСМ.

Речиси една декада на власт со ВМРО ДПМНЕ глас не им се слушна. Денеска со толкава помпезност и пофалби сакаат да се китат со туѓи перја. Заслугите за отворање на вратите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, како и за официјализирањето на албанскиот јазик, им припаѓаат на граѓаните кои го прифатија концептот ,,Македонија едно општество” за сите!!! Без еуфорија, Ве молам. Граѓаните најдобро знаат кој работи за нивно добро, напиша партискиот функционер на СДСМ на својот профил на фејбук.

Судирот меѓу ДУИ и СДСМ се случува во чувствителен предизборен период, кога и од двете партии најавија дека ќе се обидат да изнајдат консензуален кандидат за претседател, за изборите кое се очекува да бидат закажани на 28 април. Претседателот на СДСМ, Заев, нагласи дека партијата која ја предводи сериозно ќе размисли и за опцијата за распишување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, бидејќи ваквата варијанта ќе довела до зацврстување на позициите на СДСМ. Ставот на ДУИ, пак, го соопшти токму Османи, за кого изборите не се посакувана варијанта, со образложение дека ќе се паузираат евроинтегративните процеси. СДСМ на последните парламентарни избори успеа да присвои голем број албански гласови, а ДУИ, која важи за најголема албанска партија во земјава, од 19 народни избраници во Собранието од составот 2014-2016, падна на само 10 пратеници во актуелниот состав.