Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски го помина периодот на домашна изолација која дојде како последица на потенцијална опасност заради контактите со лица кај кои е констатирана инфекција со корона вирус но, и во изолација животот тече а со него и проблемите кои во политиката, во ова кризно време, се поизразени отколку било кога порано: здравствениот систем покажува мала ефикасност, се закануваат масовни губења на работни места а платите се веќе намалени кај повеќето компании. Тоа е причина за интервју и барање одговор на овие горливи теми со претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пишува Вечер.
Заврши карантинот, што е најтешко кога човек мора да пристапи во таква изолација?
Ќе ви одговорам лично, ми падна најтешко тоа што следниот ден откако влегов во процесот на самоизолација еден од моите синови славеше роденден, а јас не можев да бидам со него и со семејството заедно. Но истовремено сметам дека важно беше да се почитуваат и препораките на здравствените работници и светската здравствена организација, затоа што вирусот е сериозна работа и не треба да се потцени, затоа е потребно одговорно однесување. Не може претходно постојано да повикувам луѓето да седат дома, а кога јас дојдов во таква ситуација да морам да одам во изолација, истата да ја прекршам, тогаш не би бил искрен, а јас таков пристап кон работите никогаш сум немал.
Имавте време за анализи, како гледате на работите, као владата се справува со целокупната состојба?
Би рекол многу килаво, неуверливо, без поседување на сериозен концепт кој на граѓаните ќе им даде чуство на сигурност дека може бидат спокојни. Во целокупниот период неодлучноста на владата ги чини граѓаните две работи, првата е здравјето, втората е стандардот.
На самиот почеток Владата ја потцени кризата и влезе неподготвена како да не знаеа дека епидемијата е пред врата, дека дошла во Италија или Авастрија и таму ќе остане. Потоа, со загубено време и чекор, сега ги лечи последиците. Се чини дека никако не може да фати чекор со состојбите, да ја контролира ситуацијата, и да го заузда неконтролираното празнење на буџетот и дупката која станува се поголема. Се плашам дека влегуваме во грчко должничко сценарио, а владата очигледно не е ни свесна што се случува ниту пак има потенцијал да најде и примени решенија да не паднеме во економски колапс. Има целосно погрешен пристап, наместо да се стимулира економијата и потрошувачката, Владата го притиска стопанството и се губат приходите на вработените. Погледнете и сами, се трошат пари од буџетот за нешто што не создава нови пари, а тоа во економијата е најлошо. Делува дефанзивно, наместо да биде офанзивна. Владата нема своја анализа за сопствената состојба во државата и нема свои решенија туку задоцнето копира туѓи и превзема мерки и политики без да ги има предвид локалните специфики.
Да се вратиме на кризата околу епидемијата. Две години опозицијата излегува со податоци и критики за работата на министерот за здравство Венко Филипче, сега во епидемијата тој е некако поштеден?
Ќе ви кажам отворено и за односот кон Филипче и за односот на ВМРО ДПМНЕ кон владата во однос на целава криза. Кризата сосема очекувано направи министерот за здравство да биде најчесто присутен во јавноста, што е сосема очекувано бидејќи тој го води министерството од кое луѓето очекуваат спас и да одговори на нивните потреби, сепак не се забораваат скандалите, сомнежите за финансиски злоупотреби, но и медицински пропусти кои беа направени, и кои имаат битно влијание зошто сега немаме соодветни решенија во време на епидемијата.
Да бидеме реални, човекот нема една реформа во здравството која е спроведена, а да е успешна. И да, тогаш баравме оставка. Но кога кризата започна ние сето ова го тргнавме на страна, рековме ајде да не правиме политика, сега е време сите заедно да помагаме. Но тоа не значи дека ние треба да ги прифатиме лошите резултати на Филипче или да молчиме за серијата грешки кои граѓаните ги чини здравје, а не ретко се и со фатални последици. Не можеме да заборавиме дека Филипе и Заев бараа минатата година приватизација на јавното здравство и дека не вредело во него државата да инвестира, таа намера беше спречена со силно противење на опозицијата и јавноста и сега гледаме дека сме завршиле голема работа што намерите за Заев и Филипче не успејаа.
Не можам да молчам кога се случува докторката Цаца, пропусти и смртен случај поради небрежност и лоша организираност во Охридската болница, тоа што од Куманово две недели се бараше помош а не стигна навремено, или пак фактот кој го сервира власта дека докторите се виновни што се заразуваат. Не, тоа јас не можам да го прифатам, ниту пак сметам дека е нормално да се молчи кога ги слушаме медицинските лица како се жалат дека немаат доволно заштитен материјал и опрема и практично голораки се справуваат со пандемијата и за борат да спасат човечки животи, а надлежните парадираат на прес конференции и во очи не гледаат, а не ја говорат вистината.
Тоа е вистината на терен, а не нивната политичка промоција со создавање лажна слика за состојбата. Последиците од нивниот неуспех ќе бидат огромни.
Што се однесува до нашата позиција во однос на владата, направивме проценка дека владата не умее да се носи со кризата и дека е време сите заедно да работиме за доброто на државата. И јас лично излегов на прес конференија, со детален план и решенија, понудив да дојдам во влада и да ги објаснам мерките кои што ги имаме темелени врз реални анализи, стручност и проверена пракса, да ја тргнеме на страна нивната примитивна суета и да ја решиме состојбата најдобро што се може, но набргу ми стана јасно дека тие не разбираат што им говорам во однос на мерките кои им ги нудам. Тие на тоа молчеа и не одговорија ништо. Ситуацијата стануваше поалармантна поради што излегов и на следна прес конференција каде што отворено понудив подадена рака која тие ја одбија.
Што добивме? Добивме одлуки со кои оваа влада ги копира мерките кои ги предложив, но бидејќи не ги разбира тоа го прави делумно, парцијално и вон систем. Мојот предлог е систем, еден елемент е поврзан друг, утврдени се чекори и време за реализација и само така, системски, даваат резултат. Вака, кога ќе земете само по нешто од мерките кои ги предложив, а и тоа задоцнето, ефектот не е оној кој можел да биде.
Па погледнете, има ли некој кој е задоволен од мерките а доаѓа од реалниот економски сектор? Нема таков кој е задоволен, што значи работите не се добри. И на крајот суштината е дека и да не се случеше кризата, државата веќе беше во сериозна економска криза и исклучително лоша кондиција со буџетот и огромна финансиска дупка која само се прошируваше. Тоа блескање кое Заев ни го продаваше е ветар и магла, бидејќи ако барем дел беше точно денес ќе имавме пари во буџетот за работниците и фирмите кои трпат последици директно заради мерките на владата, тогаш немаше да се задолжуваме во таа мера и дел од загубите ќе се сервисираа со буџетски средства а не со неповолни кредити кои дополнително ја комплицираат состојбата
За економските последици зборувавте рано, после само десетина дена од епидемијата но, поминаа неколку недели пред владата да ја отвори таа тема, и од сите можни решенија видени во регионот и низ Европа со неповратни грантови за одржување на платите и платежната моќ владата реши да понуди само позајмица за фирмите од 14.500 денари за вработен. Набргу, тие 14.500 паднаа на 9.000 денари за вработен, и тоа пари кои фирмата треба да ги врати. Какви се овие решенија?
Доколку детално се анализираат трите сценарија и во равенката се внесе константа од 4 проценти пад на бруто домашниот производ, а тоа е падот кој во последниот извештај го прогнозира ММФ, тогаш јавниот долг на крајот од оваа 2020 година може да достигне ниво помеѓу 60 и 64 проценти од бруто домашниот производ од сегашните 49 проценти. Тоа е огромно задолжување, и тоа во краток рок, без план како ќе се вратат тие нови кредити.
Покрај падот на бруто домашниот производ, предвидено е зголемување на дефицитот согласно сценаријата на ресорниот министер и финансирање на раздолжување поради поранешно задолжување. Тука не е опфатено задолжување кое е неопходно и тоа најмалку 4,5 проценти од бруто домашниот производ, за да му се помогне на стопанството да го помине овој тежок период. Доколку и ова се вклучи, а притоа немаме кратење на расходната страна во буџетот, тогаш јавниот долг може да порасне до фантастични 70 проценти од бруто домашниот производ. Тоа е јасна најава за длабока финансиска криза на државата на подолг период, тука никој не може да затвори очи пред фактите бидејќи цената и теретот на таа длабока криза ќе ја плаќа секој граѓанин. Сите колку нас имаат епидемија во своите држави но, никој нема да ја плати толку скапо како Македонија.
Рековте дека ви прифатиле некои од мерките ама не до крај, за што поточно мислевте?
Ќе почнам од почетокот. Уште на 13 Март, на тој состанок кој го организираше Оливер Спасовски во владата им велев дека е потребно веднаш да се размислува за наоѓање на пари преку позајмување во странство, бидејќи проценив дека кризата ќе се зголемува, а многу посилни економии ќе се свртат кон финансирање на загубите преку задолжување, а пари ќе нема, или ќе бидат давани под скапи услови.
Тогаш одговорот на Зоран Заев преку Оливер Спасовски беше дека кога ќе му требала помош на стопанството и тие ќе ја обезбеделе. Потоа со денови не убедуваа дека буџетот е ликвиден, дека блескаме итн., за да веќе на 21 Март Зоран Заев целиот избезумен излезе на прес конференција и сврти нова приказна дека буџетот е во катастрофална состојба и дека исплатата на платите и пензиите е доведена во опасност. Тоа е нивната политика на виртуелна реалност.
Потоа им велев дека веднаш е потребен сеопфатен пакет на мерки за економијата и стопанството со кој ќе се овозможи опстанок на компаниите и зачувување на работните места и платите, а тие целосно го игнорираа предлогот и постапија сосема спротивно – донесоа некаков пакет за позајмица на компаниите и најавија минимални плати за државната администрација што значи намалување на платежната моќ во државата и задолжување на компаниите. Планот пропадна, компаниите кои и така се веќе во колапс не гледаа зошто би влегле во нови долгови кога и сегашните не можат да ги платат. Од илјадници погодени компании до денес само 136 фирми покажаа интерес за таа понуда од владата, па владата уште и се фали со тоа. Повторно имаме пример на создавање виртуелна реалност преку пропаганда, преку ПР кога на јавноста и се порачува: не верувајте во тоа што го гледате и на свој грб го чувствувате, туку во тоа што ви го зборуваме.
После се, мора да се вратат на решенијата кои им ги понудив уште во средината на март, бидејќи се тоа мерки темелени на стручни анализи и решенија проверувани многу пати во праксата на успешните економии, нема други освен такви. Знаат дека поднесовме уредба до владата за да се покријат бруто трошоците за вработените во компаниите, највеќе до 27 илјади денари по вработен. Спасовски не ни сакал да се разгледува уредбата, за да подоцна прифатат дел од нејзе. Засега прифааќаат само дел од мерките, што не гарантира крајна ефикасност ако не се примени целиот систем, а тоа се случува со големо задоцнување заради незнаењето и суетета на владата.
Имено, што опфаќаше таа уредба? Периодот кога се обврзани работодавачите да ги задржат вработените да биде до јули, понатаму втората мерка која што ја предвидувавме е зголемување на опфатот на компании кои што можат да ја користат оваа уредба што и сега е прифатено од ресорниот министер и она кое што практично е можеби најважно е кога ние велевме дека најголемиот дел од компаниите доделиле определена награда, бонус, или пак распределиле дивиденда на почетокот од оваа година и тие истите не можат да ја користат евентуалната помош од владата, видовме дека владата практично одлучила да ја прифати нашата сугестија и да не додели помош на оние компании кои што евентуално ќе доделат дивиденда, добивка или бонус во месеците април и мај што е практично и невозможно имајќи во предвид состојбата во која што се наоѓа македонската економија, а не како што беше во првичната верзија кога се велеше дека немаат право на помош компаниите кои воопшто доделиле бонус или дивиденда.
И добро е што овие три работи ги прифатиле, но апелирам до нив да прифатат и дополнителни други три работи, а тоа е да не се враќа државната помош од страна на компаниите кои ќе ја добијат, да не биде позајмица туку грант, потоа помошта да се однесува и за месец Март, а не само за Април и Мај и да се избрише од уредбата оној несреќен дел кој се однесува на ефективните работни часови или истиот да се допрецизира. Со таа мерка за ефективни часови како услов да се добие позајмица од државата практично се прави свесно изигрување на намерата. Многу вработени кои во период Април-Мај морале да користат одмор, или работеле во смени по системот оваа група работи оваа недела а другата следната седмица, немаат доволно ефективни работни часови и нема да добијат пари. Да прифатеа да го применат нашиот предложен систем во целост, и навремено, ваквите трикови – давам пари ама гледам како да не ги добиете нема да ги гледавме туку ќе имавме ефективна и ефикасна помош од државата за фирмите и вработените. Потоа, веднаш треба да се дефинира нов сет мерки за од Јули па натаму, тоа е исклучително важно сега, квалитетен, хируршки прецизен сет на мерки применет на време.
Заев, како единствен одговор, вели дека водите инженерска економија…?
Мене не ми е во фокусот суетата на Заев, туку планот и решенијата за решавање на кризата, пред се економската. Не навлегувам во тоа кој каква економија води, дали јас сум водел иженерска, или тој води економија по принцип евро за батето, евро за црквата, не е време за тоа, да бидеме фокусирани на мерки кои даваат резултати и кои ќе им помогнат на граѓаните. Тоа е најважно. Економијата кој се води е добра само ако дала добри резултати, а резултатите од економијата која ја води владата на Заев ги гледаме сите. Самиот вели, резултатаот од неговата економија е финансиска дупка од 2,3 милијарди евра, повеќе од половина од државниот буџет. Претседателот Пендаровски изјави дека државата нема капацитет да се справи со заканите од епидемијата и економскиот колапс и јас не би додавал ништо повеќе на нивните изјави.
А сега не му смета да копира дел од мерките на инженерот. Но нека примени се од мерките и системот, да не се оди до половина. Затоа што ако се оди до половина, половичен ќе биде и резултатот.
Два предлози кои ги дадовте предизвикаа внимание, едниот се благаничките записи, а вториот е пренасочување на средствата во вториот пензински фонд. Едната мерка веќе ја превземаа, очекувате ли дека ќе земат средства и од вториот пензински фонд?
Што се однесува до пензинскиот фонд и користењето на средствата од вториот столб лиферуваа од незнаење една голема невистина, а тоа е дека ќе се загрозеле пензиите на пензионерите. Тоа не е вистина. Туку тоа се пари кои државата привремено ќе ги искористи, а кои потоа ќе ги врати на фондот. Таа позајмица е побрза и поевтина отколку задолжувањата во странство под скапи услови и бавна динамика. Верувам дека откако ја применија од нас предложената мерка за благајничките записи ќе дојде време да разговараме и за оваа мерка со пензискиот фонд која ќе ја превземат. Тоа впрочем го направиле и сега го прават земји членки на ЕУ како што се Естонија, Летонија, Литванија, Унгарија, Полска итн.
Да ве упатам на проценките на ММФ, Светска банка или ФМ Глобалс кои беа објавени ширум светските медиуми пред десетина дена. Според нив меѓу европските држави како Данска, Норвешка, Германија… се и посочените Естонија, Летонија, Литванија и Унгарија кои најлесно ќе ја поднесат кризата и најбрзо ќе се вратат во добра економска кондиција, пример од четири држави кои веќе ги примениле мерките што јас му ги предлагав на Заев и владата предводена од СДСМ.
Наместо очекувана неповратна финансиска помош на компаниите и вработените, владата реши да земе нови пари од џебот на граѓаните со покачување на акцизите за горива. Остро се противите на зголемување на акцизата, Владата вели дека таа нема да се почувствува, што викаат вашите анализи?
Со оваа мерка владата удира по граѓаните, и практично ќе се задолжи кај народот односно ќе земе од џебот на граѓаните и тоа на долг рок. Значи проценките се дека годишно на овој начин од граѓаните ќе се земат дополнителни до 60 милиони од џебот на секој граѓанин. Или по една просечна плата од секој ќе отиде во буџетот контролиран од Заев и несособната влада.
Повеќе од три денари за секој литар бензин ќе оди за да се финансираат хировите на Заев и СДСМ и тоа е неприфатливо. Па нели блескавме, тоа е таа виртуелна реалност на Заев, сега тоа блескање се претвори во хорор филм и во една од најтешките кризи. Се се распрсна како меур од сапуница, ако толку ни било добро што светот ќе ни позавидел, како што велеше Заев, тогаш зошто да го уште еднаш да го ограбуваат народот. Мерката за зголемување на акцизите за горива е организирана пљачка на власта врз народот во најтешко можно време за граѓаните.
Споменавте еден термин Кронизам, на што точно мислевте?
Кронизмот зачестено започнав да го употребувам со цел да ја опишам токсичната врска помеѓу владата и неколкумина бизнис моќници кои се блиски со фамилијата т.е., партијата на власт, односно она што во услови на војна е воено профитерство, сега кај оваа влада гледаме кронизам во најголеми размери.
Кронизам е кога на народот ќе му речете имате хуманитарни летови кои дебело ги наплаќате на секој еден кој што ќе го пренесете. Кронизам е кога за она комромитирано СЈО ќе одвоите 2 милиони евра за да бидат задоволни и подмирени, а за докторите ќе нема ниту за маски и скафандери и ќе кратите плати на сите други обвинители и судии во правосудниот систем за СЈО да биде наградено. Кронизам е кога ќе трошите големи пари за патувања и ресторани, ама нема пари за амбулантни возила. Кронизам е кога ќе сакате да направите среќен некој тајкун близок до фамилијата и ќе ја покачите цената на акцизата, ама ќе им одземете на граѓаните по една просечна плата.
Имаме враќање на чуството кое владеше во темната транзицијата, богатите се обогатуваат, а сиромашните стануваат уште посиромашни. Владата покажува дека нема чувство за реалните проблеми и три години владее со виртуелна реалност, со фикција за некакво подобро утре кое не доаѓа, а не доаѓа затоа што се е на стаклени нозе и лажно.
Па погледнете поважно им беше во епидемија со корона вирус да ја прекопаат чаршијата, ама нема помош за докторите и подобри услови за работа. Кронизам е кога владеачката партија ќе дели изборен поткуп по домаќинства, а во јавноста ќе кажува дека дели хуманитарна помош. Човек да незнае што е поголема несреќа, пандемијата со корона вирус или неспособноста на оваа влада. Тоа е таа матрица на СДСМ и Зоран Заев на валкана криминогеност во секој поглед и таа не влече во колапс, но верувам дека граѓаните се свесни и ќе дојде денот кога ќе го кажат своето мислење. СДСМ создава виртуелна реалност која не постои, и реални проблеми што не доведоа до економски колапс и време е да заминат за да можеме проблемите навистина да ги решиме.
Време е на Велигденски празници на воскресението, ќе бидете ли дел од тоа?
Морам да признаам дека овие Велигденски пости ги прескокнав, поради фактот што беа планирани избори и поради темпото и динамичноста на работа проценив дека нема да можам да ги испочитувам. И навистина ми паѓа тешко поради тој исклучок, бидејќи за сите претходни пости строго се придржував. Но исто така ми паѓа интимно тешко што овие Велигденски празници нема да можам да запалам свеќа и да посетам некоја од црквите каде вобичаено има Велигденска литургија поради полицискиот час. Самиот Велигден ќе го дочекам со семејството, сопругата и децата. Се надевам дека по празниците институциите ќе направат добра проценка за ефективноста на полицискиот час, и дали е потребно да се насочи повеќе енергија кон поголема ефикасост на системот.
На крај дозволете да им го честистам Велигден, Христовото воскресение на сите православни верници. Да посакам сплотеност, верба, надеж и среќа. На сите граѓани да им посакам пред се здраавје и успеси. Нека бидат живи и здрави.