Заедничкото истражување на Кина и Светската здравствена организација (СЗО) за потеклото на коронавирусот не даде веродостојни одговори за тоа како почна пандемијата и потребни се поригорозни истражувања, со или без Пекинг, соопштија група меѓународни научници и истражувачи.
Во заедничката студија, објавена минатата недела, се наведува дека најверојатната патека на пренесување на вирусот што предизвикува Ковид-19 вклучува лилјаци и други диви животни во Кина и Југоисточна Азија. Исклучена беше можноста дека вирусот протекол од лабораторијата.
Во отворено писмо, 24 научници од Европа, САД, Австралија и Јапонија изјавија дека истражувањето било нарушено од политиката.
-Тие сакаа да постигнат онолку компромиси колку што им беа потребни за да се постигне минимална соработка од Кина, рече Џејми Мецл од Атлантскиот совет, кој и го напиша писмото.
Во писмото се наведува и дека заклучоците од истражувањето се темелени на необјавено кинеско истражување, додека критичните записи и биолошките примероци „остануваат недостапни“.
Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејсус минатата недела изјави дека Кина сокрила некои податоци.
Лианг Ванијан, виш кинески експерт за Ковид-19, го негираше ова тврдење и се чини дека ги отфрли сите натамошни заеднички истраги во Кина, кажувајќи дека фокусот во иднина треба да се насочи кон другите земји.
Мецл смета дека светот можеби ќе мора да се врати на „планот Б“ и да спроведе истрага „на најсистематски можен начин“, и тоа без кинеско учество.
Кина ги негираше обвинувањата дека САРС-КоВ-2 протекол од истражувачка лабораторија во Вухан, градот каде што првпат бил идентификуван Ковид-19.
Заедничка студија на Кина и СЗО даде резултат дека е „екстремно мала веројатноста“ вирусот да излегол од лабораторија, соопштувајќи дека „нема податоци“ дека било која лабораторија чува вируси поврзани со вирусот САРС-КоВ-2. Тедрос притоа додаде дека „се потребни повеќе истражувања за да се дојде до подобри заклучоци“.
-Кина има бази на податоци за тоа кои вируси се чувале во лабораториите, рече Мецл, додавајќи дека „постојат типови на научници кои се занимаваат со таа материја, а ние немаме пристап до тие луѓе“.
(МИА)