Седат Пекер во Македонија се среќавал и со градоначалници од власта (ФОТО)

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера објави дека македонската полиција им издавала пасоши на повеќе балкански криминалци и нарко-босови, со лажен идентитет.

Еден од нив е и криминалецот од Турција Седат Пекер, кој кон крајот на јануари беше уапсен во Скопје и протеран во Косово бидејќи имал косовски пасош.

Пекер престојувал во мал хотел во Петровец, а додека пресојувал во Македонија и имал средби со криминалци, но и со градоначалници од власта и политичари.
Но, по само четири дена откако официјално е протеран, тој на 21 јануари годинава дошол во полициската станица Драчево, се сликал и поднел барање за лична карта со украден идентитет на Џадин Амедовски, обелоденија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

Пекер воопшто не криел за неговите средби со функционери, па дури и на неговиот Фејсбук профил тогаш можеа да се забележат фотографии од средби со познати бизнисмени и со градоначалници.

Тој бил гостин на ФОН универзитетот и кај сопственикот Сефер Цановски, како и во општина Маврово Ростуше, каде што е претставен како биснисмен од Турција кој бил на работна средба со градоначалникот Медат Куртовски.

Пекер за учениците од општината дури донирал и неколку лаптопи за следење на онлајн наставата во ковид услови.

Пекер бил осуден на 10 години затвор во случајот „Ергенекон“ поврзан со пучот во Турција, но потоа бил ослободен по што избегал. Негирал дека на Балканот се преселил поради страв од прогон, туку поради продолжување на деловни активности.