Седум жртви во престрелката на аеродромот во Кабул

Седум лица загинале во престрелката во понеделникот претпладнето по локално време на аеродромот на авганистанската престолнина Кабул, изјавил за агенцијата РИА неименуван извор очевидец на инцидентот.

„Поради големата маса луѓе на влезовите на аеродромот во Кабул, луѓето почнаа да ги потиснуваат странските војници што предизвика одговор, прво од страна на талибаните а потоа и од странските сили“, го цитира агенцијата својот извор.

Според него, жртви во престрелката биле припадник на авганистанските безбедносни сили кои им помагаат на американските војници во надзорот на состојбата на аеродромот, двајца талибански борци и уште четири цивили кои се обидувале да го напуштат Авганистан.

Изворот кој бил очевидец на инцидентот, исто така, потврдил дека имало престрелка меѓу војската и талибаните.

Светските агенции известија за размена на оган меѓу авганистански војници кои ја помагаат контролата над огромната маса луѓе пред и на територијата на кабулскиот аеродром и неидентификуван вооржен маж. Германските и американските сили, исто така, биле вклучени во инцидентот, соопшти германската армија без натамошни поединости.

Петходно потпаролот на американската Централна команда (CENTKOM), Вилијам Урбан, изјави дека американските или силите на земјите од коалицијата не се инволвирани во престрелката на аеродромот во Кабул. Според Урабан, во престрелката е убиен припадник на авганистанските сили, а уште неколку Авганистанци се повредени, и ним им се укажува медицинска помош, но тие како што рече не се животно загрозени.

Според Урбан, „во текот на кратката пресметка (…) на северниот влез на меѓународниот аеродром ‘Хамид Карзаи’, нема настрадани војници на САД или на коалицијата“.

„Се чини дека инцидентот започнал кога непознат непријателски субјект отворил оган врз авганистанските безбедносни сили кои го надгледуваат пристапот кон аеродромот. Авганистанците возвратија на огнот, поаѓајќи од нивното право на самоодбрана, идентично би постапиле и американските и војниците на коалицијата“, се наведува во соопштение на CENTKOM.