Со уште една исклучително уверлива претстава и победа од 7:0 на гостувањето кај Бохум, фудбалерите на минхенски Баерн го задржаа првото место и максималниот бодовен ефект по трите првични кола во новата сезона на германската Бундеслига.
Веќе во 4 минута мрежата на домашните ја начна Лерој Сане, а во 25 минута својот премиерен гол во дебито за Баерн го постигна Холанѓанецот Матијс де Лихт. Кингсли Коман во 33 минута беше стрелец за 3:0, а Садио Мане во 42 минута погоди за 4:0 со кои се замина на одмор.
Манев во 60 минута реализираше пенал за 5:0, а домашниот бек Кристијан Гамбоа кој катастрофално згреши при првиот погодок на Баварците во 69 минута со автогол го „круниса“ очајното издание. Точка на мечот стави Серж Гнабри со одличен удар откосо во спротивниот директ од домашниот гол.
Баерн е единствениот тим во Бундеслигата со девет бодови по трите кола, со гол-разлика 15:1. По седум бодови имаат Борусија Менхенгладбах, Унион Берлин и Мајнц. На дното се Баер Леверкузен и Бохум без бодови.
Фудбалерите на Ајнтрахт и Келн одиграа без победник 1:1, па тимот од Ајнтрахт и натаму е без победа во новата сезона.
Јапонецот Даичи Камада во 72 минута го постигна водечкиот погодок за Ајнтрахт од слободен удар од 17 метри, само три минути откако влезе во игра. Се чинеше дека актуелниот првак во Лига Европа ќе дојде до првата победа сезонава. Но плановите на домашните во 82 минута ги расипа Јан Тиелман, кој една одбиена топка од корнер со волеј од 18 метри неодбранливо ја испрати во мрежата, а домашниот голман Кевин Трап беше немоќен.
Келн по три кола е на осмото место со пет бодови, а Ајнтрахт со два бода е 15-ти.