Секое четврто лице во светот може да не ја добие вакцината за Covid-19 до 2022-та

Речиси секое четврто лица во светот веројатно нема да ја добие вакцината против коронавирусот најмалку до 2022 година, бидејќи богатите земји со помалку од 15 отсто од светската популација резервирале 51 отсто од дозите од најперспективните кандидати за вакцина, објавија истражувачите од Факултетот за јавно здавство „Џонс Хопкинс“.

Тоа би значело дека остатокот од вакцината би морале да ги делат земјите со ниски и средни приходи, во коишто живеат повеќе од 85 отсто од светската популација, пишуваат истражувачите, порачувајќи дека ефикасен одговор на пандемијата бара земјите со високи приходи да учествуваат во праведната дистрибуција на вакцината ширум светот.

„Несигурноста околу глобалниот пристап до вакцините против Covid-19 не се следи само во текот на клиничките испитувања, туку и поради неуспесите на владите и произведувачите на вакцините да бидат потранспарентни и поодговорни во врска со овие аранжмани“, сметаат истражувачите.

Во истражувањето се наведува и дека од 15-ти ноември државите со високи приходи однапред нарачале речиси 7,5 милијарди дози од вакцината од 13 произведувачи, што ги вклучува и Јапонија, Австралија и Канада, кои заедно имаат повеќе од милијарда дози, но прават помалку од 1 отсто од моментално новите случаи на коронавирусните инфекции.

Дури и доколку вакцините на водечките производители го достигнат предвидените максимални производствени капацитети, речиси 25 отсто од светската популација можеби нема да ја добие вакцината уште една година или повеќе, при што истражувачите на „Џон Хопкинс“ сметаат и дека Covax, како установа на Светската здравствена организација би можел да има клучна улога во обезбедувањето почесен пристап до одобрените вакцини, иако осигурала само 500 милиони дози или далеку под целта да испорача најмалку 2 милијарди дози до крајот на 2021 година.

Со овој глобален пакт покренат во април целта е да се здружат средствата од побогатите земји и непорофитните организации за да се забрза развојот и производството на вакцините против Covid-19 и поправедно да се дистрибуираат по светот, но досега ги осигурала половината од потребните средства,а САД и Русија, како клучни играчи во развојот и производството на вакцината не се придружија на тоа, се наведува во студијата на „Џонс Хопкинс“.