Ние мора да воспоставиме правна држава и правен систем, пред кој сите ќе бидат рамноправни, без разлика дали се обични граѓани или министри, поранешни министри, сегашни или поранешни носители на јавни функции, вели лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села за Гласот на Америка. Според него, судските одлуки се носат по етничка и политичка линија.
Тој додава дека лидерот на ДУИ Али Ахмети одлучил да ја промовира идејата за Албанец-премиер откако, како што вели, на анкети на валидни меѓународни институции имал понизок индивидуален рејтинг од него.
-Тоа е само една игра. Премиер Албанец има значење, само кога во собранието ќе имаме мнозинство Албанци. Премиерот е резултат и последица на минимум 61 пратеник и мислам дека секој премиер без разлика што може да зборува албански, кога му стои мнозинство македонско, тој не е Албанец, тој има само име албанско и ништо повеќе. Немојте да заборавите, дека кога Албанците гласаат и ти даваат подршка и легитимитет тие го имаат избрано нивниот албански премиер. Али Ахмети веќе 18 години од Албанците е избран за албански премиер, но никогаш не ги бранел нивните интереси – рече Села.