Американскиот Сенат рано во вторникот гласаше и го одобри пакетот помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, иако мерката се соочува со противење во Претставничкиот дом од страна на републиканците. Предлог-законот во Сенатот беше усвоен со 70-29 гласови, а повеќе од десетина републиканци им се придружија на мнозинските демократи со своја поддршка.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски набрзо изрази благодарност, велејќи дека помошта на САД „помага да се спасат човечки животи од рускиот терор“.
„Американската помош го приближува праведниот мир во Украина и ја обновува глобалната стабилност, што резултира со зголемена безбедност и просперитет за сите Американци и за целиот слободен свет“, рече Зеленски на Х.
Водачот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека мерката „многу ќе влијае не само на нашата национална безбедност, не само на безбедноста на нашите сојузници, туку и на безбедноста на западната демократија“.
„Со овој предлог-закон, Сенатот изјавува дека американското раководство нема да се откаже, нема да се поколеба и нема да пропадне“, рече Шумер по објавувањето на резултатите од гласањето.
Тој укажа на двопартиската поддршка и изрази уверување дека гласањето во Домот ќе донесе сличен исход.
Но, републиканците во Претставничкиот дом ги поврзаа приговорите за натамошната помош за Украина со притисок за акција за безбедноста на границата меѓу САД и Мексико. Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон во понеделникот рече дека приоритет е „да се обезбеди сопствената граница на Америка пред да се испрати дополнителна странска помош низ целиот свет“ и дека актуелниот предлог-закон во Сенатот „молчи за најитните прашања со кои се соочува земјата“.
Републиканците во Сенатот минатата недела го блокираа унапредувањето на мерката што вклучуваше странска помош, истовремено со одредбите за заострување на ограничувањата на границата меѓу САД и Мексико, со цел да се запре протокот на илјадници мигранти кои преминуваат во Соединетите држави секојдневно.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се спротивстави на граничната мерка како недоволно строга, а републиканските законодавци го следеа неговиот став во врска со прашање.
Сенатот усвои самостоен пакет помош, што вклуча 61 милијарда долари за Украина, 14 милијарди долари за Израел, речиси 5 милијарди долари за поддршка на партнерите во Индо-пацификот, заедно со Тајван, како и друга помош.
Републиканците генерално поддржаа поголема помош за израелската војна против милитантите на Хамас, иако многу американски законодавци, особено прогресивните демократи, гласно го осудија Израел за обемот на контраофанзивата за која палестинските здравствени власти велат дека се убиени над 28.000 луѓе во Газа по терористичкиот напад на Хамас во октомври, а за кој Израел вели дека убил 1.200.
„Веќе и дадовме на Украина повеќе од 120 милијарди долари. Ова се повеќе од доволно пари со кои би се обезбедила секоја граница во нашата земја. Но, за жал, очекувано, 120 милијарди долари што и ги испративме на Украина резултираа во долгогодишен ќор-сокак што чинеше стотици илјади животи, и украински и руски“, изјави во понеделникот на говорницата во Сенатот, републиканскиот сенатор Томи Тубервил.