
Во заостанатите натпревари до 20-то коло на италијанското фудбалско првенство, во средата фаворитот за титулата Интер беше поразе на гостувањето кај Болоња со 1:2, а во Бергано Аталанта успеа да го анулира водството на гостите од Торино од два гола и да ремизира со резултат 4:4.
Интер го започна мечот во Болоња како што само можеше да посакува, и поведе по силниот и прецизен удар од работ на шеснаесетникот на Иван Перишиќ. Но тоа беше воедно и единствениот шут кој домашниот голман Скорупски не успеа да го запре. Во продолжението Болоња изрмани во 28 минута, кога Марко Арнаутовиќ ја натскока гостинската одбрана и израмни на 1:1. Победата на домашните им ја донесе во 81 минута Никола Сансоне. Интер на овој дуел имаше дури 26 удари кон противничкиот гол, од кои седум одеа во рамките но до крајот само еден заврши во противничката мрежа.
Со овој пораз Интер и натаму остана на два бода разлика зад водечкиот градски ривал Милан, но сега и двата тима имаат по 34 одиграни натпревари. Третопласиран е Наполи со 67 бодови, а четврти е Јувентус со бод помалку. Болоња на четири гола до крајот е безбедна на 13-то место со 42 бодови.
Во Бергамо беше одигран возбудлив натпревар со четири досудени пенали во кој Аталанта и Торино на крајот ги поделија бодовите. Гостите поведоа во 4 минута со голот на Антонио Санабрија, но домашните за само 19 минути успеаја да направат резултатски пресврт и да поведат со 2:1, преку Луис Фернандо Муриел Фруто во 17 минута од пенал и Мартен де Роон во 23 минута.
Следеше силен одговор на Торино со три погодока во низа. Саша Лукиќ во 36 минута го реализираше првиот од двата пенла за 2:2, а во 63 минута беше прецизен повторно од белата точка за ново водство од 3:2. Во 67 минута Ремо Фрулер ја затресе сопствената мрежа па Торино поведе со големи 4:2.
Но Аталанта усепа да се врати во мечот. Муриел во 78 минута му асистираше на Марио Пашалиќ за намалување на 3:4, а во 84 минута по вторпат беше прецизен од белата точка за конечните 4:4.
Аталанта со 55 бодови остана на осмото место бод односно три од позициите кои следната сезона водат во Лига Европа односно Конференциската лига, а Торино остана 11-ти со 44 бодови.
Во првиот натпревар во средата домашната Фиорентина пропушти можност да напредува до позициите кои водат во европските натпреварувања и беше демолирана со 0:4 од Удинезе.
Пабло Мари во 12 минута ги доведе гостите во водство, кое во 36 минута го удвои Жера Делофлеу. Резултатот Удинезе го одржуваше до судиското продолжение на мечот, кога го зададе и последниот удар, преку Валас во 91 и Дестини Удоги во 95 минута.
Фиорентина остана седми со 56 бодови, колку што има и шестопласираниот Лацио, кој е на местото кое води во Конференциската лига и два помалку од петтата Рома која во моментов е квалификувана за Лига Европа. Удинезе, пак, потврди дека мирно влегува во завршницата од првенството и е 12-ти со 43 бодови.