Фудбалерите на Милан не ја испуштија големата шанса и во последното 38-мо коло од италијанското првенство со гостинската победа кај Сасуоло од 3:0 ја прославија 19-та титула во клупската историја но прва по 11 години, одземајќи му ја на бранителот – големиот градски ривал Интер.
Истовремено Милан се израмни со Интер според бројот на освоените „скудета“, а токму „Нераѕурите“ пред почетокот на последното коло им беа наголемите конкуренти за титулата на „Росонерите“. Далеку пред сите е Јувентус со недостижни 36 освоени наслови првак на Италија.
Милан имаше два бода предност пред почетокот на последните 90 минути, и им беше доволен бод кај Сасуоло и доколку Интер, очекувано, на својот стадион ја победи Сампдорија.
Меѓутоа, Милан реши веднаш да ги острани сите недоумици и започна фуриозно, воден од расположениот Рафаел Леао, кој со трите асистенции за погодок во првиот дел е еден од најзаслужните за триумфот. На неговите додавања двапати прецизен беше Оливие Жиру, во 17 и 32, а еднаш Франк Кеси во 36 минута.
Интер истовремено безуспешно очекуваше Сасуоло да ја повтори партијата од првиот дел кога го победи нагости Милан со 3:1. Својот дел од работата Интер ја заврши во вториот дел кога мрежата на Сампдорија ја погодија Иван Перишиќ во 49 и Жоакин Кореа во 55 и 57 минута.
Во вечерниот термин ќе бида решено и прашањето кој ќе испадне во Серија Б, и ќе им се придружи на одамна отпишаните Венеција и Џенова. Имено, 18-от Калјари со 29 бодови гостува кај последната Венеција, и ќе мора да победи и да се надева дека Салернитана, која е 17-та со 31 бод, нема да победи на домашен терен во дуелот со Удинезе.