Од вчера во скопските кина се прикажува македонскиот кандидат за Оскар, филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума.
Кино-промотор е „Милениум“, а филмот ќе се прикажува два пати заради ковид мерките, од 19 и од 21 часот.
Филмот ја прикажува приказната за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Дејството се движи околу неразделните другарки Маја и Јана, но Јана е таа која води, а Маја таа која секогаш ја следи. Една ноќ на забава, Маја и Јана ја снимаат најпопуларната девојка во училиштето Елена во интимен однос со симпатијата на Маја. Тогаш Јана ја убедува Маја да го објави видеото онлајн, тоа набрзо станува вирално и животот на Елена е уништен. Во жестока конфронтација помеѓу трите девојки, Елена исчезнува. Маја сака да пријави во полиција, но Јана не ѝ дозволува. Маја се бори да најде храброст и да излезе од токсичното пријателство со Јана и тајната што се заканува да ѝ го уништи животот…
Деведесет-минутната драма на „Лист продукција“, во копродукција меѓу Македонија, Косово и Црна Гора, во главните улоги ги има Антонија Белазелкоска и Миа Жиро.