Сеул алармира дека Пјонгјанг истрелал неидентификувани проектили

REUTERS/Kim Hong-Ji

Северна Кореја истрелала неидентификувани проектили во четвртојот, објави јужнокорејската армија за првиот ваков потег на Пјонгјанг по речиси еден месец а во период на застој во преговорите за денукеларизацијата со САД.

Според Командата на јужнокорејската армија, лансирањето на два проектила било изведено во насока на Јапонското Море од округот Јонгпо во североисточната провинција Хамгон-Пикто, во 16,59 часот по локално време, односно 8,59 часот по македонско време.

Според агенцијата Kyodo, повикувајќи се на извори во јапонското министерство за одбрана и јапонската крајбрежна стража, проектилите не влегле во јапонскиот воздушен појас, а не се регистрирани остатоци од проектили во екслузивната економска зона.

Станува збор за веќе тринаесеттото ракетно лансирање што го изведе Северна Кореја оваа година. Пјонгјанг кон крајот на октомври истрела два проектила со кус дострел кои паднаа во морете меѓу Северна Кореја и Јапонија, а од тогаш не беа регистрирани слични случаи.

Во април севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун на САД им даде рок до крајот на годината да покажат поголема флексибилност во преговорите, а последните од 5-ти октомври беа неуспешни. САД бараат од Северна Кореја да се откаже од својата ракетна и нуклеарна програма, додека Пјонгјанг вели дека тоа е нејзиниот потенцијал за одбрана од евентуална американска агресија и бара укинување на санкциите.