Покрај очекуваните количини преку механизмот Ковакс, државните институции преговараат и со „Фајзер“ и со кинескиот производител за да се обезбедат повеќе вакцини во што е можно покус временски период, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во емисијата Топ тема на телевизија Телма.
– Ние дискутираме неколку месеци за вакцините и бараме начин како побрзо да го вакцинираме населението. Главните поенти ги ставаме на механизмот Ковакс, но самите контактиравме со сите производители, и со „Фајзер“ и со фирмата за кинеските вакцини. Нивните вакцини ги поминаа тестирањата и кинеската прилично брзо ќе се регистрира од европското регулаторно тело. Во една ваква атмсофера за мали држави е тешко, и самата ЕУ се соочува со проблеми, и тие не може да направат нарачка на големи количини, па некаде дури и е стопирано вакцинирањето – истакна Шекеринска.
Таа рече дека кога се видело дека производството нема да ги задоволи потребните количини вакцини, Владата почнала да преговора и со други производители.
– Ние ги привршивме преговорите со „Фајзер“, ги очекуваме и првите колични преку Ковакс, а преговараме и со кинескиот производител. Руската вакцина започна со примена без да ги има поминато сите фази на проверка, но денес веќе има позитивни оценки и за неа. Ние нашата геополитичка ориентација сме ја покажале на дело повеќе пати, имаме релација со европски и американски регулатори и најлесно беше за тие вакцини да преговараме, но сега мораме да гледаме пошироко – изјави Шекеринска.