Шкупи ја прегази Победа во Прилеп, Работнички за две минути го реши дербито со Македонија ЃП

Шампионот Шкупи ја прегази Победа во Прилеп, Шкендија остана без муниција за Тиквеш да освои бод и да влезе во најдобрата четворка во лигата, а Академија Пандев се врати на старите губитнички патеки со пресврт поразот од Скопје на Автокоманда во ова 16-то коло во кое скопската пресметка Работнички за две минути ја реши за победа против Македонија ЃП.

Актуелниот шампион Шкупи ја разнесе Победа со шестка среде Прилеп, за да остане на петте бода негатива во однос на лидерот Струга Трим Лум, која славеше вчера во дербито во Кратово со 2-1 во ова 16-то прволигашко коло.

Со по три гола во двете полувремиња, чаирчани го минаа незгодниот Прилеп многу полесно, но за очекување беше триумф на шампионот поради финансиската криза и штрајкот во Победа, па сериозно се одразува сето тоа врз екипата, па прилепчани денеска немаа никаква шанса за изненадување.

Во првите 14 минути, Валид Хамиди и Кристијан Трапановски дадоа по еден гол, за брзо да го решат прашањето за победникот, а сè потоа беше само прашање со кој резултат ќе заврши мечот. Реналдо Цепас после голема грешка на голманот на Победа, Дарко Тофиловски додаде трет во првиот дел, а Хамиди вторпат погоди на средина од вториот дел, по што во завршните пет минути Шкупи погоди уште двапати во прилепската мрежа. Кевен во 85-та, па Фреди Алварез во 89-та ставија печат на победата

Работнички во само 120 секунден блиц на средина од првиот дел го реши и го доби скопското дерби со Македонија ЃП, во пресметката на екс-шампионите во скопската населба Маџари, за дебармаалци да ги прескокнат „лавовите“ на табелата и да им го нанесат првиот пораз по четири меча во серија со две победи и две ремија.

Анес Рушевиќ ги начна ѓорчепетровци во 26-та минута, а Филип Мишевски две минути потоа лошо изреагира на центаршутот на Арменд Алими за да си погоди во мрежата и со тоа практично на Работнички да му го обезбеди триумфот на тешкиот терен на „Борис Трајковски“ во Маџари.

Бившиот шампион Шкендија ги разочара своите навивачи со ремито против залетаниот Тиквеш, кој успеа во тетово да извади бод со ремито без голови и да се израмни бодовно со Силекс, но сега ги прескокна кратовци и влезе меѓу најдобрата четворка досега во домашната елита.

Колку Шкендија и да се обидуваше да дојде до гол за победа, немаа црвено-црните идеја за тоа како да погодат во мрежата, па со новиот кикс уште повеќе заостанаа во трката за титулата во однос на Струга Трим Лум и сега тетовци се на девет бода минус во однос на лидерот.

После една победа со која се прекина кризата, Академија Пандев се врати на старите губитнички патеки, откако денеска со пресврт загуби на Автокоманда од фенерџијата Скопје, кој со два гола во послендите 19 минути од мечот дојде до голема и многу важна победа во трката за опстанокот.

Христијан Димов на шест минути пред крајот даде гол за пресвртот и големата победа на „пиратите“, откако претходно Бујар Хајдари во 71-та минута изртамни, десет минути откако Пандевци дојдоа во водство со гол на Димитар Митровски во 61-та минута од мечот.

Скопје со оваа победа дојде до девет бода и останува последен, ама сега Победа им бега само два, а Пандевци се на само три во зоната за бараж.

Слободна денеска беше екипата на Брегалница.

ПРВА ЛИГА, 16. КОЛО

Скопје – Академија Пандев 2-1 (0-0)

Хајдари 71, Димов 84 – Митровски 61

Победа – Шкупи 0-6 (0-3)

Хамиди 7, 69, Трапановски 14, Цефас 39, Кевен 85, Алварез 89

Шкендија – Тиквеш 0-0

Работнички – Македонија ЃП 2-0 (2-0)

Рушевиќ 26, Мишевски 28 аг.

ВЧЕРА

Силекс – Струга Трим Лум 1-2 (0-2)

Ристевски 83 – Ибраими 11, Малески 25

Слободна е Брегалница

ТАБЕЛА: Струга ТЛ 33 (15), Шкупи 28 (14), Шкендија 25 (15), Тиквеш 23 (15), Силекс 23 (15), Брегалница 20 (14), Работнички 18 (15),Македонија ЃП 17 (14), А. Пандев 12 (15), Победа 11 (14), Скопје 9 (14).

ИДНО КОЛО (4 ДЕКЕМВРИ): Македонија ЃП – Шкендија, Победа – Скопје, Шкупи – Брегалница, Струга ТЛ – А. Пандев, Тиквеш – Силекс. Слободен е Работнички.

Извор: Спорт1.мк

Фото:Спорт1.мк