Шолц најави нови мерки за финансиско растоварување на граѓаните

Германскиот канцелар Олаф Шолц најави во средата скорешно носење на третиот пакет финансиска помош за граѓаните, поради сѐ поголемите трошоци за искористената енергија.

„Ќе настојуваме да подготвиме ефикасен пакет според мера на граѓаните, така што никој да не чувствува дека е оставен на цедило со зголемените цени и инфлацијата“, изјави Шолц за медиумите на состанокот на неговата влада во дворецот Мерсберг крај Берлин.

Канцеларот додаде дека владата ќе стори „сѐ што е во нејзината моќ“ за да се спречи претераното кревање на цените на енергенстите.

„Тоа е потребно, бидејќи кревањето на цените повеќе не е оправдано со реалната ситуација“, рече Шолц.

Канцеларот се осврна и на резервите од гас во Германија, велејќи дека складиштата се подобро пополнети од очекуваното.

„Ситуација е подобра отколку што можевме да предвидиме изминатите месеци, се ближиме до границата од 85 отсто пополнетост“, изјави Шолц.

На 1-ви септември завршуваат мерки од ткн втор пакет финансиско олеснување за граѓаните, кој содржеше мерки како, на пример, субвенции на цените на горивата и евтини месечни семејни билети за јавниот сообраќај.

Во социјалдемократско-зелено-либералната влада сѐ уште не е постигнат договор околу евентуалното продолжување на мерките за субвенционирање на јавниот транспорт.

Опозициската Христијанско-демократска унија (CDU) ги критикуваше владините мерки како неефикасни. Челникот на партијата, Фридрих Мерц за јавниот сервис ARD ја критикуваше мерката од „вториот пакет“, според кој сите вработени, како и фриленсерите и примателите на некоја форма државна помош, ќе добијат по 300 евра надомест за зголемените трошоци за енергијата.

„Има повеќе смисла да се даде некому, кому тоа му е навистина потребно, и 1.000 евра наместо 300 евра некому кој и онака веќе има доволно“, рече Мерц.