Штипјанка тешко повредена од автомобил во кругот на болницата

Педесет и шестгодишна жена е тешко повредена во саботата напладне, откак во кругот на Клиничката болница Штип била удрена од автомобил, соопшти во неделата Министерството за внатрешни работи.

Инцидентот бил пријавен околу 12,30 часот и во пријавата било наведено дека во кругот на Клиничка болница Штип патничко возило „фолксваген венто“, со штипски регистарски ознаки, управувано од 31-годишниот С.А. од Штип, удрило во неговата сограѓанка 56-годишната С.М. која се движела пешки.

Во незгодата С.М. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во истата болница. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Штип.